• среда, 13 ноември 2024

Средба на вицепремиерот Фетаи со претседателот на СИНГО, Герхард Ермишер

Средба на вицепремиерот Фетаи со претседателот на СИНГО, Герхард Ермишер

Скопје, 4 ноември 2024 (МИА) - Меѓународната конференција на невладини организации од Советот на Европа наскоро ќе изготви извештај за соработката меѓу Владата и невладиниот сектор, во кој ќе се оцени досегашната соработка и ќе се дадат препораки за подобрување на концептот на меѓусебната соработка, најавил претседателот на СИНГО, Герхард Ермишер, на средба со заменик претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи.

- Извештајот ќе го оцени досегашниот начин на вклучување на невладиниот сектор во процесот на донесување одлуки на Владата, финансирањето на невладиниот сектор и идентификување на идните предизвици. Откако ќе се изготви, извештајот ќе се прати на мислење во Владата, а потоа за него ќе се расправа и на Генералното собрание на Советот на Европа, соопшти денеска Кабинетот на заменик претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи.

На средбата, вицепремиерот Фетаи ветил брзо обновување на дијалогот со невладините организации откако, како што стои во соопштението, во март годинава во знак на протест тие го напуштија Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество поради начинот на распределување на средствата наменети за финансирање на невладиниот сектор.

Фетаи најавил дека до крајот на годината ќе се изберат новите членови на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество. Нагласил дека реформската агенда е врвен приоритет на Владата истакнувајќи ги посебно борбата против корупцијата, зголемување на транспаретноста и подобрување на соработката со невладиниот сектор. цр/бак/

Фото: Кабинет на заменик претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење

Остани поврзан