• среда, 25 декември 2024

Со премиера на „Домаќинство за почетници“, утре почнува 44. издание на „Браќа Манаки“

Со премиера на „Домаќинство за почетници“, утре почнува 44. издание на „Браќа Манаки“

Скопје, 22 септември 2023 (МИА) - Со прикажување на македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ на режисерот Горан Столевски, утре во Битола почнува 44. издание на Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Фестивалот ќе се одржува до 29 септември, под мотото „Прекрасното на непознатото“ (The Beautiful Unknown), а годинава се очекуваат 400 гости.

Кинематографер на „Домаќинство за почетници“ е Наум Доксевски, а продуцент Марија Димитрова (Лист продукција). Филмот на Столевски е баран по светските фестивали и  е откупен од Универзал студио за дистрибуција во САД. 

Првиот фестивалски ден на ИФФК „Браќа Манаки“ по синоќешното отворање ќе биде во знакот на мастер класот што денес напладне во Битола ќе го одржи италијанската кинематограферка Дарија Д’Антон

На Фестивалот ќе бидат прикажани повеќе од 70 филмови, распоредени во неколку натпреварувачки програми. Во главната програма се 12 филмови, кои наспроти доминацијата на технологијата денес, раскажуваат егзистенцијални човечки приказни.

Во рамките на Фестивалот,  награда за животно дело „Златна камера 300“ ќе ја добие британскиот кинематографер Питер Бижу, а актерката и продуцентка Лабина Митевска, пак, е годинашна добитничка на „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ – награда која Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) ја доделува од 2013 година. 

Познатиот кинематограф Шејмас Мекгарви е добитник на Специјална Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност.

Директорот на Фестивалот Симеон Мони Дамевски вчера на прес-конференција информираше дека се очекуваат 400 гости од кои 160 се странски и 79 филмови. Има македонски филмови за отворање и затворање на Фестивалот.

-На Фестивалот ќе се одржи тркалезна маса на шест исклучителни жени кинематограферки кои ќе проговорат за предизвиците во професијата, Балканска конференција на кинематографери од која ќе произлезе Манифест, потоа сите кино-прикажувачи ќе потпишат Меморандум за да се рашири кино-мрежата во Македонија и да се врати публиката во кината, следува проектот „Наследниците на Манаки“, каде најмалите се внесуваат во светот на филмот, снимаат филмови и ги прават првите чекори во оваа сфера. Годинава и амбасадите на Германија, Франција и Италија организираат вечери на нивната култура поврзани со филмовите кои ќе бидат прикажани на Фестивалот и авторите кои ќе бидат наши гости, подвлече Дамевски. бт/ац/

Фото/ МИА Архива

Остани поврзан