Инкубатор - платформа за млади уметници по осми пат вечер во МКЦ
- -Публиката ќе има можност да навлезе во светови што се движат од документарно-иронични прикази, преку апстрактни деконструкции, до силни емоционални и визуелни експерименти. Ова е одлична можност да се види новата генерација уметници како ги тестира своите граници – свежо, експериментално и бескомпромисно, наведува Рисимкин, уметнички директор на Скопје танцовиот театар.
Скопје, 15 декември 2025 (МИА) - Во Младинскиот културен центар вечер од 20 часот ќе се одржи најновото издание на Инкубатор платформата за млади уметници, на која ќе настапат млади од Скопје танцовиот театар 2, чиј уметнички директор е Рисима Рисимкин. Ќе настапат млади танчари од Катедрата за современ танц при Универзитет „Гоце Делчев“ и дел од учениците од Балетскиот оддел при ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“
„Инкубатор – платформа за млади уметници“ се одржува по осми пат во организација на Интерарт културниот центар, предводен од Матеа Мијановиќ и е вечер посветена на новата генерација танчари и кореографи кои ја обликуваат иднината на современиот танц во Македонија, а кои, во ова издание, работат под менторство на професорите и кореографи Адријана Данчевска Ровчанин, Дејан Битровски и Анастасија Данчевска.
Како што соопшти Рисимкин, танчарите на Скопје танцов театар 2 ќе претстават три сценски дела и три кратки танцови филмови, „создадени како резултат на истражувачкиот процес со кој развиваат танцова техника, креативна храброст и уметничка зрелост“.

-Публиката ќе има можност да навлезе во светови што се движат од документарно-иронични прикази, преку апстрактни деконструкции, до силни емоционални и визуелни експерименти. Ова е одлична можност да се види новата генерација уметници како ги тестира своите граници – свежо, експериментално и бескомпромисно, наведува Рисимкин, уметнички директор на Скопје танцовиот театар.
На програмата ќе бидат делата: „Мокументари” во кореографија на Aдријана Данчевска Ровчанин, на музика на Александар Гроздановски, сценографија на Ивана Мојсовска; „Ехо на Баронот: деконструкција“ во кореографија и концепт на Дејан Битровски, на музика на Herzel и „W r o n g” во кореографија на Адријана Данчевска Ровчанин, на музика на групата „Верка“.
Во трите кореографии ќе настапат: Нина Петрушевска, Лука Ѓорѓиевски, Надја Лукановска, Ивона Маневска, Михаела Колцунова, Елена Терзиева, Миа Петровиќ, Теона Ѓуровска, Марија Андовска, Гаје Ече Ерол, АЛбионе Сахити, Анеса Бектеш, Аника Андоновска, Мила Ангелова, Ејлул Јилмазкобан, Нина Ташкова.
-Воедно, вечерта ќе бидат прикажани и студентските кратки танцови филмови: „Паралакс”, со концепт, кореографија, костими и изведба на Елена Терзиева, Нина Петрушевска, Марија Андовска, во постпродукција на Елена Терзиева; потоа „Убиј го најдрагото” со концепт, кореографија, костим и постпродукција на Надја Лукановска и Ивона Маневска, во изведба на Миа Петровоќ, Мијхаела Колцунова, Елена Терзиева и Нина Петрушевска и „Аквариум” со концепт, кореографија, костим и изведба на Михаела Колцунова, Теона Ѓуроска и Миа Петровиќ, а во постпродукција на Теона Ѓуровска, се наведува во соопштението. хс/дма/
Фото: Скопје танцов театар