Симулација на евакуација во случај на земјотрес во Битола
- Средношколците и наставниците од СОУ Гимназија „Јосип Броз-Тито“ од Битола, денеска во просториите на училиштето имаа обука за тоа како да постапат во случај на земјотрес.
Битола, 15 ноември 2024 (МИА) - Средношколците и наставниците од СОУ Гимназија „Јосип Броз-Тито“ од Битола, денеска во просториите на училиштето имаа обука за тоа како да постапат во случај на земјотрес.
Предавање со симулација на евакуација во случај на земјотрес и со цел средношколците да научат како да се заштитат себеси во првите моменти во случај на земјотрес одржаа експерти од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС), како и експерти од Албанија, Грција и Италија, кои се дел од на проектот Интегративно зајакнување на свесноста за сеизмичките ризици (ИСРА).
-Две години ИЗИИС е вклучен во овој проект за подигнување на свесноста на граѓаните за земјотресите. Од големо значење е размената на искуствата од соседството, во случајов од колегите од Албанија и Грција, но и од Италија, изјави Игор Ѓорѓиев, директор на ИЗИИС.
За искуствата по земјотресот во Загреб, па подоцна во Петриње, односно за искуствата на хрватските институции за тоа на што треба да се работи за штетите од земјотресот да бидат помали, говореше Звонко Сигмунд, професор на Градежен факултет при Универзитетот во Загреб,
-За да имаме правилен одговор во случај на земјотрес, за да поминеме со што помалку жртви или материјална штета, сите чинители во општеството треба да дадат придонес, почнувајќи од највисокото ниво – Владата, па се до граѓанинот како поединец, истакна професорот Сигмунд.
Обуката е се одржува во рамки на проектот Интегративно зајакнување на свесноста за сеизмичките ризици (ИСРА), финансиран од Европската комисија.мт/са/