• понеделник, 14 октомври 2024

Се одржа „Крап куп Дебар 2024“, победник екипата „Статер“ од Струга

Се одржа „Крап куп Дебар 2024“, победник екипата „Статер“ од Струга

Дебар, 13 октомври 2024 (МИА) - На брегот на Дебарско Езеро, кај градската плажа, во изминатите четири дена се одржа традиционалниот натпревар во риболов „Крап куп Дебар 2024“, на кој силите, подготвеноста и умешноста во ловењето крап ги одмерија 23 екипи со по тројца членови, од повеќе градови од државава.

Беа уловени 41 парче крап, со просечна тежина од 2,50 килограми или вкупна тежина од 102 килограми и 205 грама. Сите уловени риби, откако беа измерени беа враќани назад во езерските води.

Првото место, со 9 уловени риби, со вкупна тежина од  20 килограми и 320 грама го освои екипата на „Статер“ од Струга, втора беше екипата на „ПН Метал“ исто така од Струга, со уловени 7 риби со вкупна тежина од 19 килограми и 155 грама, додека треба екипата „Сеаснонс“ од Враништа со 8 риби, во вкупна тежина од 16 килограми и 435 грама.

Најголема риба улови екипата на домаќинот, Спортското риболовно друштво „Трофта“ од Дебар, тешка 10 килограми и 990 грама.  

Организатори на натпреварот беа спортското риболовно друштво „Трофта“-Дебар и ЦТ од Тетово, главен покровител беше општина Дебар а и овој пат оваа активност ја поддржаа и фирми од повеќе градови.

Медалите и пехарите на победниците им ги врачи градоначалникот Хекуран Дука.

- Горд сум што нашиот град продолжува да биде достоен домаќин на една ваква активност а посебно задоволство чувствувам што бројот на екипите учеснички од година во година е сè поголем. На овој натпревар имаме 8 екипи повеќе од лани, до година да бидете уште побројни. Топол поздрав, до сите, од мое и име на сите дебрани. На победниците им ги честитам освоените места, рече Хекуран Дука, градоначалник на Дебар.

На сите Вам, додаде, ви посакувам,  добро здравје, голема среќа во животот и риболовот и убеден сум дека повторно ќе се видиме на други натпревари, а како рекреативни риболовци секогаш сте добредојдени.

Задоволство од успешно реализираниот  натпревар не го крие Бели Халити, претседател на дебарското риболовно друштво.

-Поминавме убава дружба, така посакувам да продолжиме зашто и вие и сите рекреативни риболовци се добредојдени на нашето езеро и во нашиот град. Голема благодарност до главниот спонзор-општина Дебар и до сите спонзори. Ве поздравувам со она што го кажуваме ние рибарите: Риболовот е начин на живот, лек за душа, убавина за очи, рече тој. 

Инаку, освен медалите и пехарите за прво место доделена беше награда од 300 евра, за второ 200 и трето место 100 евра. За најголема уловена риба наградата беше 50 евра. Имаше и други награди обезбедени од спонзори. вт/нд/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан