• петок, 27 декември 2024

Светската потрошувачка на пластика ќе се зголеми речиси тројно за помалку од четири децении

Светската потрошувачка на пластика ќе се зголеми речиси тројно за помалку од четири децении
Париз, 4 јуни 2022 (МИА) - Светската потрошувачка на пластика ќе се зголеми речиси тројно за помалку од четири децении, покажуваат резултатите од најновата студија. Според податоците на ОЕЦД, годишното производство на пластика е на пат да достигне 1,2 милијарди тони до 2060 година, додека пластичниот отпад ќе надмине една милијарда тони. Производството на пластика, дури и со агресивни мерки за намалување на побарувачката и подобрување на ефикасноста, ќе се удвои за помалку од 40 години, се вели во извештајот. Ваквите глобално координирани политики би можеле во голема мера да го зголемат уделот на идниот пластичен отпад што може да се рециклира, од 12 на 40 проценти. Меѓународната заедница е сè позагрижена за количината и присутноста на загадувањето со пластика. Се проценува дека пластичниот отпад предизвикува смрт на повеќе од милион морски птици и повеќе од 100.000 морски цицачи секоја година. „Загадувањето со пластика е еден од најголемите еколошки предизвици на 21 век, предизвикувајќи голема штета на екосистемите и здравјето на луѓето“, рече генералниот секретар на ОЕЦД, Матијас Корман. Од 1950-тите, речиси 8,3 милијарди тони пластика се произведени, а повеќе од 60 проценти од нив завршиле на депонии, изгорени или фрлени директно во реките и океаните. Речиси 460 милиони тони пластика се потрошени во 2019 година, двојно повеќе од пред 20 години. Количината на пластичен отпад, исто така, е речиси двојно зголемена, надминувајќи 350 милиони тони, а помалку од 10 отсто од него се рециклирани. паг/  

Остани поврзан