• четврток, 19 декември 2024

Само три отсто од домашните тур-оператори ја продаваат земјава како дестинација

Само три отсто од домашните тур-оператори ја продаваат земјава како дестинација
Скопје, 9 септември 2022 (МИА) - Нов модел за субвенции во домашниот туризам кој наредните две до три години ќе генерира повеќе од половина милион ноќевања, предлага АППТ. Моделот базира на категоризација на сместувачките капацитети. Еден од предлозите на Агенцијата за да се достигне бројката од 500 000 до 700 000 ноќевања, е и К-15 на сите вработени во земјава да им се исплаќа како ваучер за одмор (сместување) во домашните туристички капацитети, а тие потоа да се пребиваат со данокот на добивка или некој друг данок. Според директорот на Агенцијата Љупчо Јаневски, домашниот пазар се покажа многу значаен и во изминатите три години е во постојан пораст. Ако се погледнат резултатите од првата половина на 2022-ра, се забележува зголемување за 20 до 25 отсто во споредба со лани, што е континуитет од 2020 година. Но, само три отсто од домашните тур-оператори ја продаваат земјава како дестинација. За него, како што вели, начинот на кој во овој момент се поставени субвенциите е неодржлив, а треба да се проанализира и ефектот од ваучерите и начинот на кој тие се издаваа. -Субвенционирањето е краткорочна мерка која треба да го зајакне стопанството, да овозможи негов раст, а дополнително и да ги охрабри инвеститорите кои понатаму ќе вложуваат во дестинацијата. Во 2019 година го предложивме новиот модел кој требаше да отвори дебата. Базиран е на категоризација, на плаќање во и вон сезона, на различна сума субвенции и на изедначување на пазарите, на типовите аранжмани и ги опфаќа сите типови сместувачки капацитети, но по различна скала на плаќање. Аранжманите ББ (ноќевање со појадок) во хотелите со пет ѕвездички треба да добиваат најголема субвенција за разлика од аранжманите во хотели со три ѕвездички, а приватното сместување во кое и вложувањата се различни, треба да има 50 отсто пониска субвенција од хотелите со три ѕвездички, смета Јаневски. Овој начин, оценува, ќе овозможи дополнителна конкурентност на дестинацијата, вложување на странските тур-оператори, но и на домашните инвеститори и менаџери во подобрување на условите, како и реална, објективна категоризација која вистински ќе ја отсликува состојбата во хотелите. -Во 2021 година АППТ до вицепремиерот Фатмир Битиќи достави систем на субвенционирање за домашните тур-оператори со кој директно ќе се овозможи вон сезона да понудат аранжмани во нашите туристички места. За сите викенд пакети да има дополнителна услуга. До три ноќевања со појадок да има една субвенција, над три ноќевања дополнителна, друга субвенција. На ваков начин цениме дека во наредните две до ти години домашните тур-оператори ќе се охрабрат во и вон сезона што повеќе да ја продаваат земјава како туристичка дестинација на домашните туристи, да се овозможи генерирање над половина милион ноќевања, објаснува директорот, посочувајќи дека „надвор од сезона“ значи сезона за нашите ски центри. Јаневски најавува дека догодина Агенцијата ќе иницира широка дебата со истражувања. Сепак, тој не може да прецизира која би била висината на субвенциите. -Целта е 2024 година да ја дочекаме со нов, едноставен правилник за субвенционирање и дополнително регулирање на пазарот. Идејата е, практично, стимул за домашните тур-оператори што повеќе да ја продаваат нашата дестинација. За комплетен ефект во 2024-та, догодина ќе се овозможи и широка дебата за начинот на субвенционирање на странските тур-оператори кој ќе биде насочен кој развој на квалитетот, дополнува директорот на АППТ. Моделите за субвенционирање во други земји се различини и краткорочни. Како што укажува Јаневски, траат меѓу една до три години и имаат конкретни, тергетирани цели. Еден од успешните примери е Хрватска која пред десетина години воведе модел за субвенционирање рурални домаќинства и тоа, потенцира Јаневски, даде максимален ефект. мч/са/  

Остани поврзан