• сабота, 16 ноември 2024

Регионална едукативна работилница против врсничкото насилство се одржа во Кочани

Регионална едукативна работилница против врсничкото насилство се одржа во Кочани

Кочани, 5 ноември 2024 (МИА) – Регионална едукативна работилница „Крени глас против врсничкото насилство“ се одржа вечерва во Кочани со родители на ученици од општините од источниот регион, а тема на откривањето и начините за намалување на степенот на насилството меѓу децата.

Се работи за втора фаза од кампањата, во која претходно беа вклучени учениците, а целта е да се разговара за оваа тема од афирмативен аспект за да се изгради емпатија и да се јакне другарството и соработката меѓу младите.

На работилницата беше истакнато дека возрасните се вклучени во ланецот на заштита и поддршка на децата, треба да умеат да ги препознаат обрасците на насилство, да ги видат последиците и влијанијата врз децата и соодветно да се вклучат во подобрување на таа состојба.

-Насилство, односно недоразбирање и конфликти меѓу младите имало отсекогаш, но како што станува се подинамично времето во коешто живееме, нетрпеливоста меѓу децата се зголемува и тоа влијае на зголемениот број случаи со врсничка насилство. Во контакт со учениците низ оваа кампања се покажа дека физичкото насилство е сѐ помалку присутно, додека психичкото е позачестено, а за жал во најголем процент е присутно социјалното насилство, односно исклучување и отфрлање на одредени деца од групата и притисок да не се дружат со она дете коешто е отфрлено. Современата технологија и техника, како и сѐ пореткото дружење меѓу младите е причина зголемено сајбер насилство што зема голем замав затоа што не е под контрола на возрасните, затоа што се случува во затворени групи, истакна психологот Деспина Стојановска, стручен соработник во кампањата.

Во контакт со родителите и со членови од општествената заедница беа изнесени примери и отворени практични прашања за насилства меѓу децата. Преку индивидуални случаи забележлив беше интересот и загриженоста за влошувањето на општата состојба во земјата.

Кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“ ќе продолжи со работилници и во наредниот период, а се реализира со поддршка од компанијата „Макпетрол“. та/мд/

фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан