• среда, 13 ноември 2024

Расте интересот за осигурувањето, но и исплатата од осигурителните компании по разни основи

Расте интересот за осигурувањето, но и исплатата од осигурителните компании по разни основи

Скопје, 1 ноември 2023 (МИА) - Охрабрува фактот што во земјава расте интересот за осигурување, а според бројките, најголем е интересот за каско осигурувањето, како и за приватното здравствено осигурување, но и за другите видови. Најновите трендови препорачуваат осигурување од одговорност согласно дејноста, но и се наметнува потребата од справување со современите предизвици, како што се ризиците од сајбер нападите. Од друга страна, расте и исплатата од осигурителните компании по разни основи, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски на настанот во Стопанската комора по повод Националниот ден на осигурувањето, 1 Ноември.

Како што истакна Ковачевски, според прелиминарните податоци, во споредба со август минатата година, осигурениците наплатиле 22 отсто повеќе, односно 57 милиони денари или над 930 илјади евра. Голем дел од исплатата, напомена, се однесува на медицински трошоци, додека, сопствениците на моторни возила, од штетите покриени со каско осигурување наплатиле над еден милиони евра. Обештетување од 100 000 евра добиле повеќе од 500 лица и тоа во доменот на патничкото осигурување.

-Сето ова е показател дека расте и свеста кај граѓаните за значењето и за придобивките од осигурувањето и бенефитите кои тоа ги носи. Со поставувањето на регулативата, даночните олеснувања, формирањето на Агенцијата за супервизија на осигурување, создавањето услови за конкурентност на овој пазар, државата ги постави основите на осигурителната дејност, кои континуирано ќе се надоградуваат и преку подготовка на ново законско решение кое наскоро ќе се најде во Собранието пред пратениците. Развивањето на свеста за обезбедување сигурност преку договорите за осигурување е дел и од политиката на ЕУ. Во таа насока, секоја заложба во овој правец е со цел обезбедување економска стабилност, сигурност и благосостојба на граѓаните и компаниите. Сметам дека е навистина од големо значење тоа што денеска зборуваме за тоа како растот на осигурувањето да го трансформираме во долгорочен развој бидејќи само така ќе ги промовираме потенцијалите на оваа област, но и ќе ги презентираме можностите пред овие млади луѓе кои денес се тука со нас. Токму тие и нивната неисцрпна енергија се носителите на нашиот развој и носителите на нашата иднина, рече Ковачевски.

Тој го истакна значењето од целосната примена на ЕУ директивите во осигурувањето.

-Во таа насока, се истакнува и носењето на новиот Закон за осигурување кој треба да ја приближи осигурителната индустрија кон европските стандарди и работа по правила содржани во ЕУ директивите кои ја регулираат оваа област, подвлече премиерот.

На настанот во Стопанската комора 14 осигурителни компании доделија 14 стипендии на студенти – математичари од Природно-математичкиот факултет при УКИМ во Скопје, а Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) додели плакета и награда од 80 000 денари на млад истражувач за најдобар научен труд од областа на управувањето со ризици и осигурување. Претходно, се одржа и панел дискусија на тема „Како растот на осигурувањето да го трансформираме во развој“. Претставници на осигурителната индустрија, АСО, Министерството за финансии и Стопанската комора дебатираа за новиот закон за осигурување, а разменија мислења и за процесот на либерализација на автомобилското осигурување и зелената карта, како и за значењето на квалитетниот прием на штети кај осигурувањето живот. мч/лв/

фото: МИА архива и Влада на РСМ


 

Остани поврзан