• недела, 24 ноември 2024

Промоција на романот „Дното на моето небо“ на Кристина Краличин

Промоција на романот „Дното на моето небо“ на Кристина Краличин

Скопје, 2 март 2023 (МИА) - Во „Гастротека Сиеста“ вечерва ќе се одржи промоција на првиот роман на писателката Кристина Краличин, „Дното на моето небо“.

Ова е втора книга на Краличин, по стихозбирката „Патот на душата по зборот што гори“, промовирана минатата година.

Промотори на настанот ќе бидат новинарката Сребра Ѓорѓијевска и писателот Денис Бојаров, додека извадоци од романот ќе чита актерот Благоја Чоревски.

- „Дното на моето небо“ е кратко патување низ душата на млада жена со скршено срце, која во допир со природата стигнува далеку - поблиску до своето јас. Младата писателка сфаќа дека тешкиот куфер што го носи, може да го испразни само таа, вели Ѓорѓијевска.

Според Бојаров, Кристина Краличин е книжевен глас, кој ѝ припаѓа на најновата македонска генерација, со свежа и автентична писателска нарација. Нејзиниот роман „Дното на моето небо“ не очекува егзистенцијална поддршка и признание од животот, но од љубовта очекува да биде чиста, искрена и чесна, каква што би требало да биде секоја романтична книга.

- Овој краток роман го гледаме како етички и онтолошки тест затоа што се занимава со суштински прашања, со прашања за љубовта, доблеста, вистината и одговорноста, додава Бојаров.

Романот „Дното на моето небо“ е во издание на ИД - Концепт паблишинг.  бд/сп/

Остани поврзан