• вторник, 24 декември 2024

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Неготино, 23 ноември 2024 (МИА) - Дела од ликовни уметници, членови на Здружението „Роднокрајци“, се дел од изложбата што синоќа беше отворена во Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ во Неготино.

Директорката Виолета Стојановска рече дека станува збор за изложба на дела од исклучително талентирани уметници, љубители на родниот крај.

- Ова здружение има за цел да ја нагласи тенденцијата за негување на слободниот ликовен израз на кавадаречките автори кои преферираат традиционални ликовни форми, но и за авторите кои внесуваат современи тенденции во ликовното творештво, појасни Стојановска.

Притоа, додаде дека името „Роднокрајци“ произлегува од самиот термин роден крај, што е симболика за претставување на уметноста и културата на нивниот роден крај.

- Овде има ликовни дела од исклучително талентирани уметници од Кавадарци. Киро Јосифов, Лазар Дојчинов, Драгица Чекорова, Горан Боев, Ива Јосифова Даневски, Тодорка Пејовска, Никола Иваноски, Мартин Камчев, Јован Колев, Тони Коцев. Извонредни уметнички дела, каде на платно е насликана носталгијата од детството сокриена во тесните улички лепливи од гроздовиот сок, што се цеди низ кошевите на штотуку набраното грозје, посочи таа.

Директорката се осврна на изгревот и залезот на топлото јужно сонце, на берачите на грозје на златното тиквешко виногорје овековечени на уметничкото платно, а понесени од љубовта кон својот роден крај, задлабочувајќи се во најсуптилните теми, пробивајќи ги познатите и непознатите димензии и откривање и преточување на платно, нови и недопрени светови.

- За овие прекрасни дела изложени кај нас, не треба да зборуваме многу, затоа што тие говорат самите за себе, па ги поканувам да ги погледнат, сите љубители на уметноста, додаде Стојановска. свд/бд/

Фото: МИА

Остани поврзан