Премиера на „Драми на принцезите“ во Драмски театар
- Режијата е на Жива Бизовичар, а настапуваат Јелена Жугиќ, Нина Елзесер, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Сара Климоска, Трајанка Илиева-Вељиќ, Ивана Павлаковиќ и Јасмина Василева.
Скопје, 15 ноември 2024 (МИА) - Во Драмски театар вечер ќе биде премиерно изведена претставата „Драми на принцезите“. Режијата е на Жива Бизовичар, а настапуваат Јелена Жугиќ, Нина Елзесер, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Сара Климоска, Трајанка Илиева-Вељиќ, Ивана Павлаковиќ и Јасмина Василева.
Претставата е работена по циклусот постдрамски текстови „Драми на принцезите“ со поднаслов „Смртта и девојката“ на нобеловката Елфриде Јелинек. Преводот од германски јазик го направи Катерина Шекутковска. Прв драматург е Ник Жнидаршиќ, втор драматург и редакција на превод е Викторија Рангелова – Петровска, сценограф и автор на музиката е Јан Крмељ, додека костимите се на Александар Ношпал.
Во уметничкиот тим што работеше на претставата е трочлена екипа од млади и талентирани уметници од Словенија.
Претставата „Драми на принцезите“ која се игра на сцената „Ристо Стефановски“, ќе биде на редовниот репертоар на Драмски, а првата следна изведба е на 23 ноември. мч/са/
фото: Драмски театар - Скопје