• вторник, 15 октомври 2024

Пратеничката Лозановска во работна посета на Кина

Пратеничката Лозановска во работна посета на Кина

Скопје, 14 октомври 2024 (МИА) - Пратеничката Олга Лозановска, во својство на претседателка на Пратеничката група за соработка на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Парламентот на Народна Република Кина, како дел од Делегација на високи функционери од Источна и Централна Европа, учествува на редовната годишна размена во рамките на соработката меѓу Кина и земјите од Источна и Централна Европа, на покана од Секретаријатот на иницијативата. 

Како што соопшти собраниската прес -служба, членовите на Делегацијата, кои доаѓаат од 10 држави од Источна и Централна Европа оствариле средба со заменик-министерот за надворешни работи на Кина, кој е генерален секретар на соработката Кина - ЦЕИ, Донг Ли.

На средбата било нагласено дека оваа иницијатива за соработката меѓу земјите од Источна и Централна Европа и Кина подразбира соработка меѓу еднакви партнери и дека иако станува збор за различни држави со различен потенцијал, интенцијата е да се најде заеднички интерес.

Покрај соработката со НР Кина, Иницијативата им овозможува на земјите учеснички да ја зајакнат економската соработка и меѓу себе, како и да настапат како регион пред големите кинески компании. Со оглед дека најголемиот број на држави кои учествуваат во оваа соработка се членки на Европската Унија,  потенцирано било дека тоа подразбира и зајакната соработка меѓу Унијата и Кина, стои во соопштението.

На средбата Лозановска истакнала дека иако географски оддалечени, односите меѓу двете држави се пријателски и се развиваат во духот на меѓусебното разбирање и заемно почитување. Таа истакнала дека постојат можности за повисоки форми на економска соработка и во рамките на иницијативата и на билатерален план, имајќи предвид дека кинеската економија е втора по големина во светот и има импресивен годишен економски раст.   

Програмата на работната посета предвидува официјални средби со високи претставници на централната и локалната власт во Пекинг, како и во провинциите Шандонг и  и Шанши. Во Шандонг, односно во градот Јантаи, Делегацијата ќе присуствува на 6. состанок на локалните лидери на Кина – Источна и Централна Европа. 

Во април 2012 година, соработката помеѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа беше лансирана како платформа за меѓурегионална соработка заснована на традиционално пријателство и заедничка желба на сите учесници за соработка и заеднички развој. Оваа иницијатива на Кинеското Министерство за надворешни работи има за цел првенствено да ги промовира деловните и инвестициските односи меѓу Кина и 14 земји од Централна и Источна Европа, но покрај економија и трговија, денес соработката опфаќа и области како култура, образование, младинска размена, земјоделство, туризам, стои во соопштението на собраниската прес-служба. нд/ 

 

Остани поврзан