• среда, 25 декември 2024

Право на абортус: Франција го предводи патот со историска уставна променаЕН

Право на абортус: Франција го предводи патот со историска уставна променаЕН

10 март 2024

ЕНР - Брисел

Француските пратеници, во историски потег за Меѓународниот ден на жената – 8 март, гласаа да го впишат правото на абортус во Уставот на државата. Сепак политичарите и експертите предупредуваат дека правото на абортус е под закана во целиот свет. Во Европа, правото на абортус се разликува од земја до земја, некои држави имаат порестриктивни закони од други.

Во понеделникот, францускиот Парламент го впиша правото на абортус во францускиот Устав, со тоа Франција стана првата земја во светот што нуди јасна заштита на правото за абортус во своето уставно право.

Абортусот до 10 недела од бременост е дозволен во Франција од 1975 година. Од тогаш, законот бил сменет за да им се дозволи на жените да имаат абортуси до 14 недела од бременоста, трошоците за процедурата се покриени од здравствениот фонд.

Претседателот Емануел Макрон ја опиша одлуката како „француска гордост“ која испратила „универзална порака“, одлуката беше прославена на јавна церемонија во Париз на Меѓународниот ден на жената, 8 март.

Франција исто така има намера да ја „префрли оваа битка на Европско ниво“, според изјавата на владината портпаролка Приска Тевено во средата. „Во 2022, Претседателот на Републиката ја соопшти неговата намера да го впише правото на абортус во Повелбата за фундаменталните права на Европската унија,“ рече портпаролката.

Одлуката на француските пратеници доаѓа откако членките на Европската унија и пратениците постигнаа договор во февруари за правилата на Унијата против насилството врз жените.

Светската здравствена организација (СЗО) го поздрави потегот на француските пратеници во понеделникот. „Ја поздравуваме одлуката на Франција да ги заштити правата на жените и да ги зачува нивните животи,“ напиша генералниот директор на Организацијата, Тедрос Аданом Гебрејесус на платформата Х.

После одлуката на Францускиот Парламент, Ватикан го повтори своето противење на абортусот. „Папската академија за живот потсетува дека во ерата на универзални човекови права, не може да има „право“ на одземање човечки живот,“ Ватикан рече во соопштение, приклучувајќи се на изјавите на француските католички свештеници.

Репродуктивните права под закана

Минатата година Макрон се обврза да го заштити правото на абортус во уставот откако Врховниот суд на САД во 2022 ја укина уставната заштита која беше во сила половина век, и им дозволи на Американските сојузни држави да го забранат или ограничат правото на абортус.

Грчкиот Премиер Киријакос Мицотакис во реакција на одлуката на судот рече дека е „навистина загрижен од одлуката на Врховниот суд на САД. Таа претставува голем чекор назад во борбата за правата на жените,“ во објава на Х (тогаш Твитер).

Францускиот премиер Габриел Атал рече дека правото на абортус останува „под закана“ низ целиот свет, и дека „суштината на нашите слободи е под закана... на милост на оние кои носат одлуки“.

Конзервативните контракампањи го разнишуваат глобалниот напредок околу правата на жените, ова е последниот „противудар“ во низа почнувајќи од 1980-тите, предупредуваат активистите и експертите во пресрет на Меѓународниот ден на жената. Познавачите велат напредокот околу правата на жените систематски е проследен со „противудари“ уште од 1980-тите.

Теоријата на „противудари“ беше опишана од американската феминистка Сузан Фалуди во нејзината книга од 1991: „Противудар: Необјавената војна против американските жени“. Книгата ја опишува стратегијата на американските конзервативни движења по либерализацијата на законите за абортус и влегувањето на жените на пазарот на трудот во 1970-тите.

Пораст на насилството врз жените

Организирано и политизирано, контрадвижењето го разнишува правото на абортус, го храни говорот на омраза онлајн и поттикнува семејно насилство, велат истражувачите.

Во февруари, Европската унија постигна договор околу нејзиниот прв закон против насилството врз жените. Законот има за цел да ги заштити жените во Унијата од родово базирано насилство, присилни бракови, обрежување и онлајн насилство. Европската комисија првпат го предложи значајниот закон на 8 март, 2022, во знак на Меѓународниот ден на жената.

Сепак, договорот не содржи заедничка дефиниција за тоа што претставува силување. На жртвите на сексуално насилство треба да им биде овозможен пристап до абортус, но повеќе држави во светот го ограничуваат правото на абортус дури и во случај на силување и инцест. Државите кои беа против заедничка дефиниција за што се подразбира под делото силување велат дека ова дело ја нема потребната прекугранична димензија за да биде сметано како дело за кое се потребни усогласени казни во Унијата, со што ја доведуваат во прашање компетентноста на ЕУ за ова прашање.

На крајот на февруари, Институтот 8-ми Март, словенска невладина организација, започна кампања за безбеден и достапен абортус во Европа. Кампањата, наречена „Мој глас, мој избор“, има за цел да собере милион потписи ширум Европската унија, и во неа соработуваат организации од Шпанија, Франција, Полска, Финска и Ирска.

Организаторите ова го сметаат како важно прашање во пресрет на Европските избори и поради растот на екстремизмот во Европа. Како и другите држави, и Словенија се соочува со зголемено насилство против жени и родови стереотипи во повеќе полиња.

Правото на абортус во Европа

Додека правото на абортус е под зголемена закана, Европските држави имаат закони кои дозволуваат ран прекин на бременоста – сепак, некои се порестриктивни од другите. Приказ на законите во неколку држави ги демонстрира разликите.

Албанија: Во Албанија абортусот беше легализиран во раните 1990-ти, и бројките покажуваат значителен пад на случаи. Но, групите кои се борат за правата на жените и експертите за јавно здравје се загрижени за т.н. полово-селективен абортус. Дури и според најскромните проценки на Албанија ѝ „недостигаат“ илјадници девојчиња како резултат на полово-селективните абортуси со кои семејствата кои сакаат машки деца ја прекинуваат бременоста. Покрај зголемената свест за проблемот, вкоренетите вредности тешко се менуваат – па експертите предупредуваат дека ова би можело да доведе до општествена нерамнотежа.

Бугарија: Абортусот беше легализиран во Бугарија во 1956. Во 1968, владата им забрани на жените без деца да ја прекинуваат бременоста поради страв од пад на населението во државата. Но по падот на комунистичкиот режим, абортусот за време на првиот триместар од бременоста беше повторно дозволен. Денес во Бугарија, жената има право да избере да ја прекине бременоста до крајот на 12 недела.

Чешка: Чешка уште од 1957 има закон кој дозволува абортус. Во случај ако мајката побара абортус крајниот рок е 12 недела од бременоста, доколку абортусот е поради генетски проблеми дозволен е до 24 недела. Обидите на пратениците да го ограничат правото не абортус завршиле без успех. Огромно мнозинство на Чеси ја подржуваат слободата на избор кога станува збор за абортусот според анкета спроведена од Чешката академија на науките во 2023.

Германија: Абортусот не е целосно легализиран во Германија, но не се казнува во првите 12 недели ако жената добие советување пред процедурата. Сепак, социјалдемократите од СПД, Зелените, и либералната ФДП кои ја сочинуваат германската влада размислуваат за бришење на член 218 од Кривичниот законик, кој се однесува на абортусот.

Италија: Закон донесен во 1978 за доброволен прекин на бременоста често е во центарот на огромни контроверзии и остри напади во Италија. Законот вели дека абортусот може да се изврши во првите 90 дена од бременоста во јавна здравствена установа само во одредени „случаи во кои продолжението на бременоста, раѓањето или мајчинството би предизвикале сериозна опасност кон физичкото и психичкото здравје на жената“. Законот исто така им дава право на приговор на совест на докторите и медицинските сестри, отежнувајќи го пристапот до абортус. Италија официјално ја има една од најниските стапки на абортус во светот.

Полска: Во моментот абортусот во Полска е дозволен само ако бременоста е резултат на силување или инцест, или пак го загрозува здравјето или животот на мајката. Новоформираната владина коалиција во Полска сака да ја укине одлуката на Уставниот суд од 2020 со која се прекина деценискиот компромис околу абортусот под влијание на судиите назначени од тогашната владејачка конзервативна партија „Право и правда“ што доведе до скоро целосна забрана на абортусот.

Португалија: Законите за абортус во Португалија беа либерализирани на 10 април, 2007, дозволувајќи им на жените да побараат абортус до 10 недела од бременоста. Од неодамна, прашањето за нов референдум за правото на абортус во португалското законодавство беше покренато за време на политичка кампања од кандидат на Демократската алијанса (коалиција од три конзервативни партии) во пресрет на следните парламентарни избори на 10 март, но прашањето не е дел од програмите на политичките партии или коалиции кои учествуваат во изборите.

Романија: Во Романија, абортусот е регулиран со закон (Кривичниот законик) и бременоста може да биде прекината се до 14 недела. Абортусот по овој рок се казнува со затвор или казна, и забрана за вршење на одредени права, со исклучоци. За нехируршки абортус (со лекови), препораките во медицинските водичи и фармацевтските упатства имаат воспоставено граница од девет недели. После деветтата недела од бременоста, овој метод не се користи од докторите.

Словенија: Словенија е една од неколкуте држави во кои родителите имаат уставно право слободно да одлучат за раѓањето на деца. Како резултат, абортусот е легален и дозволен во Словенија, и стапката на абортус е многу ниска. Сепак, прашањето за абортусот често се истакнува како тема во политичките и граѓанските дебати, посебно во контекст на растот на конзервативните мислења и иницијативи за ова прашање.

Шпанија: Во Шпанија доброволниот прекин на бременоста е регулиран од 2010 со закон усвоен од социјалистичката влада на Хозе Луис Родригез Запатеро. Законот беше поддржан од Уставниот суд во 2023, со што беше загарантирано правото на жената да одлучи „самоволно и без притисок“ дали ќе ја продолжи бременоста или не – право регулирано од јавната администрација. Дозволен е доброволен прекин на бременоста во првите 14 недели. Законот исто така дозволува прекин на бременоста до 22 недела доколку постои „сериозен ризик“ од фетална патологија или кога е загрозен животот на мајката.

Шведска: Во Шведска, владата во моментот бара начини да го модернизира законот за абортус од 1975 со цел да ја олесни процедурата за безбеден абортус во домот. Повеќето абортуси се вршат во клиника или болница со лекови, но се финализираат дома. Абортусот е легален во Шведска од 1938 и сегашниот закон дозволува прекин на бременоста до 18 недела.

Фото: ЕНР

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан