• сабота, 23 ноември 2024

Православните верници го слават Свети Наум Охридски Чудотворец, празнични богослужби во неговиот храм на Охридското Езеро

Православните верници го слават Свети Наум Охридски Чудотворец, празнични богослужби во неговиот храм на Охридското Езеро

Охрид, 2 јули 2024 (МИА) – Со вечерна празнична богослужба во манастирскиот комплекс „Свети Наум“ денеска отпочнува славењето на православниот празник посветен на Свети Наум Охридски Чудотворец.

Илјадници православни верници вечерва и утре вообичаено како и секоја година ќе го посетат манастирскиот комплекс, за да се помолат за своето и за здравјето на нивните најблиски, обединети во верата и во вербата во чудесната исцелителна моќ на Светецот.

Манастирскиот комплекс „Св. Наум“ се наоѓа на најјужната точка на Охридското Езеро, на триесетина километри оддалеченост од Охрид, додека главната црква е изградена на високиот стрмен брег, во непосредна близина на изворите на Црн Дрим. 

Светиот просветител Наум ја избрал оваа тивка и благородна околина за свое живеалиште, место од каде што ја развил племенитата мисија за просветување на човекот. Тука е и неговиот гроб, сместен во југоисточниот дел од црквениот нартекс.

По повод празникот бродовите „Александрија 1 и 2“ и „Галеб“ вечерва за Свети Наум ќе пловат по празнична цена од 300 денари. аб/цр

фото: МИА

Остани поврзан