• петок, 27 декември 2024

По предавањето на Актот за канонско единство, утре заедничка богослужба на патријархот Вартоломеј и архиепископот Стефан

По предавањето на Актот за канонско единство, утре заедничка богослужба на патријархот Вартоломеј и архиепископот Стефан
Истанбул, 11 јуни 2022 (МИА) - Откако во четвртокот вселенскиот патријарх г. Вартоломеј на нашиот архиепископ г. Стефан му го предаде Патријаршискиот и синодален акт на Вселенската патријаршија за примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство, а вчера наша црковна делегација молитвено присуствуваше на празнична Божествена литургија по повод именденот на вселенскиот патријарх, утре во патријаршискиот храм во Фанар поглаварите на двете цркви ќе одржат заедничка Патријаршиска и синодална света литургија. Во обраќањето кон патријархот Вартоломеј, по вчерашната Божествена литургија по повод неговиот именден во вселенскиот Соборен храм „Св. Георгиј Победоносец“ во Истанбул, архиепископот Стефан му се заблагодари за прифаќање на нашето апелациско прибегнување и за востановувањето на литургиското општење со нашата Црква. - Како првојерарх на Охридскиот престол, од името на свештениот Синод, на свештенојерархијата, на монаштвото и на верниот народ, како и од свое име, со преполно срце на уважување и почит, уште еднаш Ви благодарам за честа со која нè удостоивте и за срдечната љубов со која нè прегрнавте – соопштувајќи ни го благопријатниот Ваш суд за нашето апелациско прибегнување: востановувањето на литургиското општење со Вас и, преку Вас, со полнотата на Православната Црква, истакна архиепископот Стефан по Литургијата на која покрај него присуствуваа и митрополитите дебарско-кичевски г. Тимотеј и преспанско-пелагониски г. Петар, како и епископите хераклејски Климент и антаниски Партениј. Сега е јасно, додаде г. Стефан, колку Вашето добротворство за нашата Охридска Архиепископија, се покажа, всушност, како Ваш најнов принос пред Сељубивиот Бог – како долично дело за таткото на Православните. - А ние, скромните Ваши чеда, можеме да Му заблагодариме на Бога, покрај за споменатата милост, ете - и за тоа што сме удостоени да бидеме современици на Вашата личност и на Вашите дела за доброто на Црквата и што ја имаме можноста да се радуваме и да се утешуваме од Вашиот подвиг на „добро стоење“, на автентично последување и себепрегорно, дури до мачеништво, исповедање на канонскиот и свештен поредок на Православната Црква, рече меѓу другото архепископот Стефан по литургијата на која присуствуваа и голем број верници од земјава, кои допатува во Истанбул по повод значајните настани за нашата Црква што деновиве се случуваат во древниот Фанар. На крајот од богослужбата, епископот антаниски Партениј со неговото братство и сестринство, на вселенскиот патријарх Вартоломеј му подари архиерејска панагија во чест на неговиот именден и во знак на благодарност за признавањето на Охридската Архиепископија. Во четвртокот во вечерната богослужба во Ставропигијалниот манастир „Балаклија” во Истанбул, што се одржа по повод споменот на Светите Апостоли Вартоломеј и Варнава и празникот на иконата на Мајката Божја „Достојно ест“, откако на г. Стефан му го предаде Патријаршискиот и синодален акт на Вселенската патријаршија за примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство со останатите православни цркви, со кој се отстранува повеќедецениската шизма наложена врз нашата Црква, вселенскиот патријарх Вартоломеј порача дека многумина православни верници „се радуваат за враќањето на христоносниот народ во прегратките на Мајката Црква“. - Денеска, браќа мои, кога наскоро ќе се исполни великиот ден на Педесетница, стаса и многукопнежниот час на решение за еден долг и болен раскол во Телото на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква. Денеска помеѓу нас стојат овде... најсвештениот во Христа брат, архиепископот охридски г. Стефан и неговата чесна придружба, за да го примат од нашите раце Патријаршискиот и синодален акт за востановување на црковното општење на нивната Мајка, Великата Христова Црква со нив, а од неа и преку неа со останатите помесни, свети Божји Цркви, преку врската на љубовта, единството и евхаристиското зближување преку взаемна почит, истакна патријархот Вартоломеј. Тој нагласи дека станува збор за „голема радост на небото, зашто одамна скинатата риза на Господа се обновува, цела и неповредена, со иглата на Светиот Дух“ и „мноштвата на православните се радуваат за враќањето на христоносниот народ во прегратките на Мајката Црква“. - Свештенејши архиепископе г. Стефане, Мајката Црква Константинополска болуваше, се молеше, долго трпеше, очекуваше, се надеваше, советуваше и се подготвуваше за наоѓање решение за проблемот што ја засегаше Вашата помесна Црква… Ги разбираме вашите потешкотии, искрснатите дилеми, внатрешните соображенија, променливите различни мислења, но решенијата сакаат жртва и храброст. Така ја чувствуваме и радоста на сите вас за настанатиот развој. Од денеска, кога добивате положба и служба во сесвештеното Тело на Црквата, се надеваме дека ќе се покажете еднакво достојни на благонаклонетоста на Великата Христова Црква кон вас… Го благословуваме Народот на најсветата Архиепископија Охридска. Ја поздравуваме видливата, добра и братољубива расположба на најсветата Црква на Србија кон вас. Очекуваме и официјално известување од вас за напредокот на дијалогот помеѓу вас. На крај, ви го врачуваме востановителниот за црковното општење Патријаршиски и Синодален Акт и го претвкусуваме сослужението со вас на претстојната недела на Педесетница, а Бог на мирот нека биде со сите вас, амин, додаде патријархот Вартоломеј. Архиепископот г. Стефан на чинот на примопредавањето на Актот во своето обраќање кон патријархот Вартоломеј, нагласи дека делегацијата на нашата Црква дошла кај него, во време во кое тој го слушнал крикот на нашето срце и го почувствувал копнежот на нашите души. - Дојдовме при Вас и сме многу радосни поради тоа. Дојдовме да го изразиме нашиот копнеж по Христа, кој, како православни Христијани, го имаме, и да ги изразиме почитта, честа и благодарноста пред Вашиот престол – да ги објавиме гласно, овде, од под куполата на Константинополската Црква, пред сечесниот Вселенски престол, нашата љубов кон целата Вселена, истакна неговото блаженство г. Стефан. Затоа, додаде тој, стоејќи денес пред Вас и со привилегијата да стоиме со Вас, дојдовме да Ви кажеме едно големо благодарам. - Еве, токму во оваа благословена вечер, во која се собрани многу благодатни добрини: празникот на апостолите Вартоломеј и Варнава и соборот на првата светогорска икона ‘Достојно ест,; оваа ставропигија во која се наоѓаме и живата вода која се роди од Живоносниот источник, мртвите во гробовите и мртвите што воскреснавме. еклитонот кој кон Вас го упативме и преку чие оправдување нè прифативте во општење со Вас и со сиот православен свет и Вие, Архиепископе Константинополски, Вашите привилегии и Вашето срце полно со љубов, нагласи архиепископот Стефан. По четврточната богослужба, архиепископ г. Стефан, во знак на благодарност отслужи Трисагија пред гробот на патријархот Димитриј, за покојните цариградски пастири погребани на истите гробишта. Одлуката на Светиот патријаршиски синод за отстранување на шизмата и примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство со останатите православни цркви беше донесена на синодското заседание на 9 мај, со што практично Вселенската Патријаршија ја призна црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспостави канонско и литургиско општење со неа. Предавањето на Патријаршискиот и синодален акт за отстранување на шизмата не значи и давање томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на нашата Црква, туку е израз на татковска љубов и грижа од страна на Вселенската Патријаршија и претставува објава дека таа повеќе не е во шизма и раскол со севкупната православната Црква и нејзините свештенослужители можат да сослужуваат со свештенослужители од другите помесни православни цркви, додека за утврдување на конечниот статус ќе следуваат дополнителни преговори. Ваквиот потег на патријархот Вартоломеј и на Вселенската Патријаршија претставува историски настан, бидејќи со него конечно се исправи долгата неправда нанесена врз нашата Црква и со признавањето на нејзината каноничноста се стави крај на речиси седумдесетгодишната изолација на возобновената Охридска Архиепископија. сп/ац/

Остани поврзан