• вторник, 19 ноември 2024

По осум децении света литургија во долнодримколскиот манастир „Свети Архангел Гавриил"

По осум децении света литургија во долнодримколскиот манастир „Свети Архангел Гавриил

Дебар, 21 јули 2024 (МИА) - По осум децении во петок во долнодримколскиот манастир „Свети Архангел Гавриил" ќе се одржи света литургија со која ќе чиноначалствува епископот Партениј. 

- Во исчекување на празникот на Божјиот Благовесник – Собор на Светиот Архангел Гавриил, Свештената Бигорската Обител со особена чест ве поканува заедно да го прославиме носителот на добрите и радосни вести, кој прв го објави доаѓањето на Спасителот во светот, се вели во објавата од Бигорскиот манастир.

Литургијата ќе почне во 08:30 часот, а со неа ќе чиноначалствува епископот Антаниски г. Партениј.

Божествената архиерејска литургија, како што се наведува во објавата, ќе се одржи со благослов на Неговото Високопреосвештенство митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој особено го посакува и се залага за неговото возобновување.

- Сместен во длабочините на Дебарски или Долни Дримкол, оваа голема Светиња со векови била место на молитва и на духовно вдахновение и воздигнување, тврдина на верата и на културата во западниот крај на Македонија.  Датира уште од ромејскиот период (пред 14 век), но остатоците од сегашниот храм се од почетокот на 20 век. Последната Света Литургија во него била отслужена во пролетта 1944 година од блаженоупокоениот јереј Милан Јовановски од с. Модрич, нагласуваат од Бигорската Обител.

По иницијатива и со заложби на владиката Партениј, во периодот од 15 мај до 30 јуни оваа година, беа спроведени опсежни работни активности за отворање на пат и расчистување на остатоците од манастирот, со што се создадоа услови за служење на Божествена Литургија.

- Целта на претстојното богослужение е, меѓу другото, да му оддадеме должна чест на великиот Архистратиг Гавриил и да ја вратиме од заборав оваа негова Светиња со големо историско и духовно значење. Затоа, да се собереме во што поголем број и заедно да го испросиме благословот на нашиот небесен добротвор, посочуваат од Бигорската обител. вт/бак/


Фото: Бигорски

Остани поврзан