• сабота, 23 ноември 2024

По британскиот интерес, Рама порача дека договорот на Албанија за имигрантите е „ексклузивен“ за Италија

По британскиот интерес, Рама порача дека договорот на Албанија за имигрантите е „ексклузивен“ за Италија

Тирана, 20 септември 2024 (МИА) - По покажаниот интерес од британскиот премиер да упатува мигранти во Албанија, по примерот на Италија, премиерот Еди Рама изјави дека „Италија ја има ексклузивната привилегија да сместува баратели на азил на албанска територија".

- Владите кои сакаат да го повторат договорот постигнат меѓу Италија и Албанија за сместување мигранти до обработката на барањата за азил не треба да бараат партнер од оваа балканска земја (Албанија). Ова е ексклузивен договор со Италија, ги сакаме сите, но со Италија имаме безусловна љубов, рече Рама за Еуроњуз.

Според телевизијата, слична изјава Рама имал и вчера во Европскиот парламент.

Неговото постојано предупредување доаѓа неколку дена откако италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека нејзиниот британски колега Кир Стармер изрази „голем интерес за шемата и оти процедурите за азил на отворено море се повеќе го привлекуваат вниманието меѓу главните градови на ЕУ".

Албанија нуди прагматично решение, објасни Рама, исто така негирајќи дека договорот е „quid pro quo“ за напорите на Италија да ја турне земјата на патот кон членство во ЕУ. Албанија е официјален кандидат за влез во ЕУ веќе една деценија.

- Решивме да го направиме ова (договор за имиграција) врз основа на чувство на одговорност како соседи, како Европејци. Се разбира дека е подобро отколку само да се бориме идеолошки за ова прашање и да не правиме ништо, рече Рама.

Според петгодишниот договор постигнат меѓу Тирана и Рим во ноември минатата година, мигрантите фатени на море од италијанските власти ќе бидат префрлени во прифатни центри во близина на албанското пристаниште Шенѓин, додека италијанските служби ги обработуваат нивните барања за меѓународна заштита.

- Контроверзниот договор меѓу Обединетото Кралство и Руанда, кој значително се разликува од договорот Италија-Албанија по тоа што претходната влада на ОК не беше подготвена да понуди азил на Обединетото Кралство на квалификуваните апликанти кои се обработуваат во странство, беше откажан од владата на Кир Стармер во јули, кој сега е заинтересиран за потпишување договор со Албанија, наведува телевизијата. 

Инаку, петгодишниот договор, со можност за продолжување, предвидува сместување во Албанија на 3.000 мигранти месечно или 36 илјади годишно.

Двата центра, во округот Лежа, едниот во пристанишниот град Шенѓин, каде ќе бидат прифаќани и вториот, во Ѓадр, каде ќе бидат сместувани мигрантите, а кои се уште не се ставени во функција, ќе ја чинат Италија 670 милиони евра во следните пет години.

Центрите првично требаше да бидат отворени во мај, одложено беше за август па за почетокот на септември, бидејќи главниот камп во поранешната воена база во Ѓадар не беше завршен. вт/паг/

Фото: МИА архива

Остани поврзан