• среда, 01 април 2026

Полиција: Пронајдена рачно изработена бомба во киднапирано возило во Северна Ирска

Полиција: Пронајдена рачно изработена бомба во киднапирано возило во Северна Ирска

Лондон, 31 март 2026 (МИА) – Британската полиција соопшти дека зад киднапирањето возило и поставувањето рачно изработена експлозивна направа во автомобил за достава на храна, кој бил принуден да се упати кон полициска станица во Северна Ирска, најверојатно стојат ирски националистички групи.

Возач на возило за достава на брза храна бил запрен од двајца маскирани мажи синоќа околу 22:30 часот и принуден да вози до полициската станица во Ларган, на околу 30 километри од Белфаст. Тој успеал да побегне од возилото и да ја извести полицијата дека напаѓачите поставиле предмет во багажникот. Повеќе од 100 домови во околината беа евакуирани додека се вршеше контролирана експлозија за неутрализирање на направата.

- Нашата истрага е во рана фаза, но сметаме дека е многу веројатно одговорни да се дисидентски републикански групи - изјави заменик-началникот на полицијата на Северна Ирска, Рајан Хендерсон.

- Сега знаеме дека станува збор за примитивна, но функционална рачно изработена експлозивна направа. Иако несовршена, таа претставуваше значителен ризик за животот на исплашениот курир, за припадниците на безбедносните сили и за заедницата - додаде тој.

Мировниот договор од 1998 година во голема мера стави крај на тридецениското насилство меѓу заедниците во Северна Ирска, но полицијата и натаму повремено е цел на напади од мали отцепенички групи, главно составени од националистички активисти кои се противат на британската власт.

Околу 3.600 луѓе загинаа за време на конфликтот меѓу републиканците, кои се залагаа за обединување со Ирска, и пробританските унионисти, кои сакаа Северна Ирска да остане дел од Обединетото Кралство.

- Целосно го осудувам овој непромислен чин на насилство кој ги доведе во опасност животите на луѓето. За тоа нема место во Северна Ирска - изјави британскиот министер за регионот, Хилари Бен.

Нападот го осудија сите политички партии. Лидерот на Демократската унионистичка партија, Гевин Робинсон, изјави дека користењето на тактиката „бомба преку посредник“ – при која екстремистите присилуваат некого да пренесе експлозивна направа под закана – претставува „застрашувачко враќање во најмрачните денови“ на конфликтот. ссм/

фото: архива/илустрација

Остани поврзан