• петок, 27 декември 2024

Повторно судири на границата меѓу Либан и Израел

Повторно судири на границата меѓу Либан и Израел

Бејрут, 17 октомври 2023 (МИА) - На границата меѓу Либан и Израел, каде израелските сили и вооружените групи од Либан имаа серија престрелки, денеска повторно избувнаа судири.

Противтенковска ракета истрелана од Либан го погоди градот Метула во северниот дел на Израел, при што беа повредени три лица, според Медицинскиот центар Жив во Сафед.

Неколку часа подоцна, либанската милитантна група Хезболах објави соопштение во кое ја презема одговорноста за нападот.

Израел одговори со артилериски напади на неколку локации долж границата, објави либанската државна новинска агенција.

Израелската војска соопшти дека нејзините тенкови повторно пукале во Либан откако противтенковски проектил бил истрелан преку нивната граница.

Уште две противтенковски ракети беа истрелани од Либан кон Кибуц Јифтах во северниот дел на Израел, без жртви, соопшти израелската војска, додавајќи дека како одговор ги гранатирала позициите на Хезболах.

Постојат стравувања дека Хезболах и другите групи поддржани од Иран во регионот би можеле да ја ескалираат својата борба со Израел за поддршка на Хамас во случај на копнен напад врз Газа.

Израелските власти се заканија дека доколку Хезболах отвори нов фронт, цел Либан ќе ги трпи последиците. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан