• недела, 20 октомври 2024

Повеќе од 50 луѓе загинаа за еден ден во нападите на Израел во Газа

Повеќе од 50 луѓе загинаа за еден ден во нападите на Израел во Газа

Ерусалим, 19 октомври 2024 (МИА) - Повеќе од 50 луѓе се убиени во неколку израелски напади врз Појасот Газа за помалку од 24 часа.

Палестинското Министерство за здравство соопшти дека е погодена индонезиската болница во Беит Лахиа и дека војската пукала врз зградата на болницата и нејзините терени, предизвикувајќи паника меѓу пациентите и персоналот.

Во центарот на Газа, најмалку 10 лица загинаа, меѓу кои две деца, кога беше погодена куќа во градот Завајда.

Во друг напад, 11 лица од исто семејство беа убиени во бегалскиот камп Магази.

Во текот на ноќта, најмалку три куќи беа погодени во северниот дел на Газа, при што загинаа 30 луѓе - повеќе од половина од нив жени и деца.

Погодени се куќи и во Џабалија, а најмалку 80 луѓе се ранети.

Израелските напади уништија огромни делови од Газа, раселени се околу 90 отсто од 2,3 милиони луѓе, од кои повеќето немаат храна, вода, лекови или гориво.

Беспилотно летало лансирано утрово од Либан ја погоди резиденцијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Според израелската армија, утринава од Либан биле истрелани 55 проектили во два напади врз северен Израел. Некои биле пресретнати, соопшти армијата, а нема извештаи за жртви.

Либанското Министерство за здравство соопшти дека две лица загинале кога Израел од воздух пукал кон автомобил. Не се знае кој бил во него. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан