• среда, 18 декември 2024

Гаши: Подготвени сме веднаш да ги вметнеме Бугарите во Уставот, но бараме гаранции дека ќе нема нови условувања

Гаши: Подготвени сме веднаш да ги вметнеме Бугарите во Уставот, но бараме гаранции дека ќе нема нови условувања

Берлин, 18 октомври 2024 (МИА) - Претседателот на македонското Собрание Африм Гаши од Берлин порача дека владејачкото мнозинство е подготвено веднаш да ги вметне Бугарите во Уставот, но бара предвидливост на процесот.

- Немаме никаков проблем со тоа Бугарите да бидат дел од Уставот, но очекуваме гаранции дека веднаш потоа нема да има следен услов, изјави Гаши за Дојче веле, посочувајќи дека во владата нема дилема дека треба да се продолжи европскиот пат на земјата што побрзо.

Откако Албанија изминатата недела и формално ги започна преговорите за членство во ЕУ, Гаши вели дека и официјално Скопје сака процесот да продолжи што побрзо.

- Знаете дека блокадата од Бугарија се однесува на историски и идентитетски прашања. Ние и денеска во СР Германија сме дојдени токму поради таа тема. Сакаме што побргу да се одблокира тој процес. Ние сме подготвени Бугарите во Уставот да ги вметнеме веднаш. Мислам дека имаме целосен или поконкретно голем консензус околу тоа дека немаме никаков проблем со тоа Бугарите да бидат дел од Уставот. Но, нашиот проблем е со предвидливоста на процесот, и гаранциите дека веднаш после тоа ќе нема следно прашање или следен услов кој се однесува на историски и идентитетски прашања кои мислиме дека се тешко решливи на политичките маси на преговарање, изјави Гаши.

За предложеното посредништво од унгарскиот премиер Виктор Орбан што Бугарија го одби и дали Германија би можела да се вклучи како олеснувач, претседателот Собранието истакнува дека Скопје и Софија имаат капацитет да се договорат, но оти е добредојдена секаква помош.

- Ние мислиме дека како две соседни држави имаме капацитет да седнеме и да се договориме, но секако, секаква помош е добредојдена за нас. Ние не ги бираме пријателите кои сакаат да ни помогнат, за нас е битно процесот на евроинтеграција да продолжи што побргу, и што побрзо да станеме членка на ЕУ, вели Гаши.

Нагласува дека владината коалиција на ВМРО-ДПМНЕ и Вреди е единствена во однос на приближувањето кон ЕУ и работи интензивно да се одблокира процесот.

- Што се однесува до идентитетската компонента, иако тоа не ги тангира Албанците, добро е што не само Албанците, туку сите граѓаните на државата без оглед на етничката припадност, сите заедно стоиме во одбрана на македонскиот идентитет и затоа мислиме дека овој процес треба да продолжи и Македонија што побрзо да стане членка на ЕУ, изјави Гаши за ДВ. 

Претседателот на Собрането Африм Гаши во Берлин се сретна со претседателката на германскиот Бундестаг, Барбел Бас, со пратеници и претседателите на парламентарните комисии, Михаел Рот, Антон Хофрајмер и Дирк Фопел, како и со министерката за Европа во германското МНР, Ања Лирман./

Фото: ФБ Африм Гаши 

Остани поврзан