• вторник, 12 ноември 2024

Пет дена до изборниот молк, ветувањата и реториката како на почетокот

Пет дена до изборниот молк, ветувањата и реториката како на почетокот
Скопје, 11 октомври 2021 (МИА) - Во последната седмица пред изборите и помалку од пет дена до изборниот молк, лидерите на партиите и кандидатите за градоначалниците продолжуваат да ветуваат европска иднина, промени, зелена агенда, но и инфраструктурни подобрувања во сите општини во државава. Караванот на СДСМ -„Најдоброто за мојата општина“ денеска ќе ги посетат жителите на Могила, Прилеп, Ѓорче Петров, Центар и Карпош, а „Создади нова иднина!“ на ВМРО-ДПМНЕ во Кичево, Долнени, Кривогаштани, Крушево и во Прилеп. Зелената агенда на ДУИ ќе ја бара поддршката од чаирчани, Беса ќе има предизворни активности во Теарце Претседателот на СДСМ Зоран Заев вчера од Крушево нагласи дека земјава е вратена на патот на интеграција кон ЕУ,  а дека дома се вратени слободата и демократијата и дека е подигнат животниот стандард на граѓаните. - На локално ниво инвестиравме во проектите што живот значат за општините и граѓаните. Изградивме и реконструиравме над 1.000 километри патишта. Изградивме 60 детски градинки, реконструиравме, изградивме нови 80 училишта, 34 болници, 20 домови на култура, театри, општински згради, изградивме објекти и проекти вредни повеќе од 500 милиони евра, истакна Заев. Тој вети дека ќе продолжат и со рехабилитација на патиштата за Крушево да биде уште подобро поврзано со другите градови и населени места и додаде дека ќе инвестираат во секој проект што значи унапредување на инфраструктурата и привлекување туристи во текот на целата година.За следните четири години, Заев рече дека е предвидено Крушево целосно да се гасифицира, со што, според него, ќе се придонесе за заштита на природата и ќе доведе до намалување на трошоците за загревање на домаќинствата. Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски пак од Ново Село на митингот на ВМРО-ДПМНЕ пред граѓаните рече дека кај Заев нема ништо европско и дека кога ќе слушнеле полна уста за Европа да веруваат дека повторно кажува една нова лага. Според него, состојбата во сите сфери на економијата е катастрофална, а од политиките на власта најмногу биле погодени земјоделците, чие производство не се откупува, како што било со оризовата арпа, грозјето, јаболката и други земјоделски производи
-Затоа во тие говори на Заев кои се преполни со ЕУ нема да го слушнете зборот инфлација или нискиот стандард и нема да слушнете цената на млекото, на зејтинот, на брашното, споредено со минатата година е драматично зголемена, потенцираше Мицкоски.
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети вчера од Липково и Куманово потенцираше дека зелената агенда има решение за проблемите во општините и дека таа агенда гарантира подобар живот и по развиени општини.
-Сега  излеговме со зелената агенда, агендата на европско време, модерна, но и која го подобрува начинот на живот. Поглавјето 24 за членство во ЕУ е едно од најсложените, бидејќи животот на луѓето зависи од тоа како ја организираат животната средина. За овие години инвестиравме во кадри и горд сум што овие инвестиции се навистина докажани со нивната работа на сите нивоа, рече во својот говор Ахмети.
Лидерот на Движењето Беса и кандидат за градоначалник на Општина Тетово, Билал Касами ја откри својата понуда пред жителите на Мала и Голема Речица, за кои рече дека се овие две тетовски населби се нивните најмоќните упоришта. Во својот говор нагласи дека оние кои најмногу сакаат промени се активистите на Движењето Беса и жителите на Мала и Голема Речица, додавајќи дека од ден на ден Движењето БЕСА се збогатува со нови луѓе од граѓанскиот сектор, бизнис секторот, здравството, образованието итн. -Во оваа кампања забележуваме дека структурата на Движењето БЕСА секојдневно се збогатува со различни луѓе од граѓанскиот сектор, деловниот сектор, здравството, образованието итн. Младите момчиња и девојчиња се приклучуваат на нашата програма, пензионери и работници, луѓе кои дејствуват во сите сфери. А ова е резултат дека имаме најсеопфатна програма, нашата програма има конкретни решенија за сите проблеми што ги има Тетово, рече Касами. Коалицијата на Алијанса за Албанците и Алтернатива вчера имаше средба со жителите на тетовските шарпланински села Селце и Вејце. Со нив се сретнаа кандидатот за градоначалник на Тетово од коалицијата Вулент Мурсели и претседателот на Алијанса за Албанците, Зиадин Села. Села рече дека кога зборувал со кандидатите инсистирал ветувањата да се реализираат и додаде дека нивните противници не одржале ниту едно ветување до Владата. -Се обврзавме на законот за државјанство и го поставивме условот и го направивме. Зошто го велам ова затоа што сакаме да поставиме стандард во политиката. Нашиот стандард е зборот што се чува. Ако гледате најтранспарентни општини се општините предводени од Алијансата за Албанците и ако ги барате најнетранспарентните и најзадолжени општини ќе ги најдете општините на ДУИ, рече Села, кој повтори дека за последната трагедија во модуларната болница потребна е човечка одговорност. На полноќ заврши рокот за пријавување за гласање на лицата со Ковид -19 или во самоизолација, откако тој рок ден претходно заврши за болните и немоќните. Овие лица, како и затворениците, лицата во притвор, во стaрските домови и внатрешно-раселените лица ќе гласаат ден пред изборите односно во сабота на 16 октомври. За утврдување на идентитетот и проверката дали веќе гласале, за нив нема да се користат уредите за биометриска идентификација, туку спреј и УВ ламба. Локалните избори на 17 октомври ќе бидат седми од независноста досега, но трети на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. Официјално кампањата за првиот круг од локалните избори почна на 27 септември, а завршува на 15 октомври на полноќ. бк/ац/  

Остани поврзан