• четврток, 19 декември 2024

Пендаровски: Ковачевски не треба да оди во Брисел

Пендаровски: Ковачевски не треба да оди во Брисел
Скопје, 21 јуни 2022 (МИА) - Претседателот Стево Пендаровски смета дека премиерот Димитар Ковачевски не треба да оди в четврток на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел, кој се одржува пред состанокот на Европскиот совет, на кој треба да се одлучи дали ќе почнат пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија.
Според Пендаровски, Ковачевски нема што да бара во Брисел, особено што на вчерашниот состанок на амбасадорите на земјите-членки на ЕУ, бугарската страна изнела нови барања за симнување на ветото за Северна Македонија.
- Јас го советувам премиерот да не оди во Брисел. Пред неколку дена разговаравме на таа тема и мојот совет беше дека ако вака се одвиваат работите и ако Бугарите вчера доставиле пет нови барања, тогаш што бара премиерот таму само за да се слика? Замислете, самит ЕУ-Западен Балкан кога целиот регион, ние пред сè, не напредуваме, само да се сликаме, рече Пендаровски во вечерашното интервју за ТВ24.
Претседателот вели и дека вакви понижувања и потценувања какви што имавме во последниве две години од Бугарија не сме доживеале за 20 години преговори со Грција. -Ние политичарите од мали држави често пати сме во ситуација да попуштаме, да потклекнеме, но мислам дека изминативе две години вакво национално тормозење од страна на Бугарија кон нас не сме имале во 20 години преговори со Грција, истакна Пендаровски. Тројцата лидери на земјите вклучени во Отворен Балкан, Димитар Ковачевски, Александар Вучиќ и Еди Рама, најавија дека по меѓусебни консултации утре ќе одлучат дали ќе одат во Брисел.са/са/

Остани поврзан