Панел дискусија во Прилеп: Транспарентност и конкурентност на локалните јавни набавки
- Висока концентрација на јавните набавки во мал број компании, ниска конкурентност на локалниот пазар, но општините ги следат барањата на Законот за јавни набавки. Ова се едни од клучните наоди на Институтот за економски истражувања и политики - Finance Think кој денеска во Прилеп одржа панел дискусија „Локални тендери, јавен интерес - Транспарентност, конкурентност и вредност за граѓаните на Прилеп и Крушево“ со претставници од двете општини и од Регионалната стопанска комора. Јавните набавки се доделуваат на мал број компании.
Прилеп, 30 март 2026 (МИА) - Висока концентрација на јавните набавки има во мал број компании, ниска е конкурентноста на локалниот пазар, но општините ги следат барањата на Законот за јавни набавки. Ова се едни од клучните наоди на Институтот за економски истражувања и политики - Фајненс Тинк (Finance Think), кој денеска во Прилеп одржа панел дискусија „Локални тендери, јавен интерес - Транспарентност, конкурентност и вредност за граѓаните на Прилеп и Крушево“ со претставници од двете општини и од Регионалната стопанска комора.

Јавните набавки се доделуваат на мал број компании.
Деспина Туманоска, програмски координатор во Институтот, рече дека анализата на јавните набавки во изминатите 10 години во Прилеп и во Крушево открила неколку клучни наоди, прво во тие јавни набавки постои висока цикличност, што значи од една во друга година износот значително се разликува и има висока концентрација на јавните набавки во мал број компании.
- На пример, во Крушево дури 60 проценти од јавните набавки во изминатата година се доделени само на една фирма, а додека во Прилеп, тој удел е околу 30 проценти. Ова укажува, од една страна, на структурна слабост, односно дека голем дел од парите одат во една до две компании, а од друга страна, пак, на ниска конкурентност, односно, мал број компании може да одговорат на барањата на општините при јавните набавки. Третиот клучен наод е позитивен и укажува на тоа дека при изготвувањето на јавните набавки, општините во целост ги следат барањата на Законот за јавни набавки. Но, како слаба страна се јавува бројот на добиени понуди, кој, многу често е под три што ја потврдува ниската конкурентност на локалниот пазар, објаснува Туманоска.

Главен ризик е тоа што една иста компанија добива голем број јавни набавки кои меѓу себе се неповрзани.
-На пример, изминатите години во Прилеп една иста компанија има добиено голем број локални тендери, како вградување видео надзор, набавка на новогодишни пакетчиња, набавка на средства за хигиена, односно, набавки кои една со друга се неповрзани, вели Туманоска.
Посочи дека препораките се општините да го зацврстат своето планирање на јавните набавки да го зацврстат на среден рок за да се избегне таа цикличност.
Според Никола Мариноски, претседател на Регионалната стопанска комора од Прилеп, фирмите не се пријавуваат на огласите за јавни набавки бидејќи јавните претпријатија не плаќаат навреме. Мора да подлежат на Законот за финансиска дисциплина.
-Во основа, компаниите како причина го кажуваат фактот дека јавните претпријатија се во големи долгови, без разлика во која општина, и дека нередовно ги сервисираат плаќањата. Поради тоа не можат редовно да си ги планираат приходите и не можат редовно и квалитетно да си ги извршуваат услугите. Затоа одлучуваат да не се пријавуваат на огласите и сметаат дека е подобро да немаат работа со јавните претпријатија. Најпрво, треба да се подобри финансиската состојба на јавните претпријатија и, Законот за финансиска дисциплина да важи исто и за нив, а тоа значи дека најдоцна во рок од 60 дена да ги плаќаат услугите навремено и така компаниите полесно ќе одлучуваат да конкурираат на огласите за јавни набавки, вели Мариноски. ем/рп/
Фото: МИА