• четврток, 26 декември 2024

КПИ 2023: Лош проект, геотехнички ископувања и експропријацијата причини за доцнењето на изградбата на автопатот Кичево - Охрид

КПИ 2023: Лош проект, геотехнички ископувања и експропријацијата причини за доцнењето на изградбата на автопатот Кичево - Охрид

Охрид, 3 ноември 2023 (МИА) - Проектната документација, геотехничките ископувања, експропријацијата и неефикасните административни постапки се главните причини поради кои доцни изградбата на автопатот Кичево - Скопје, сметаат дел од експертите, учесници на Првата конференција за патна инфраструктура (КПИ) што вчера и денеска се одржува во Охрид.

Според панелистите на денешната дискусија на тема „Искуство во инвестирањето во инфраструктурата“, автопатот Кичево - Охрид е пример како не смее во иднина да се планира, проектира и гради, со забелешки дека односната автопатска делница се проектирала десет, колку и што досега се гради трасата долга 57 километри, со неизвесен рок за нејзино завршување.

Дарко Пешевски, инженер во Јавното претпријатие за државни патишта, посочи дека со отпочнувањето на градежни активности на оваа автопатска делница веднаш била констатирана променлива геологија на терен што не одговара со геологијата предвидена со проектите, што директно влијае на начинот на темелење на објектите и класата на материјалот за ископ во тунел.

- Со отпочнување на градежните активности за широк ископ на траса беше констатирано дека станува збор за променлива геологија на терен. Изведените косини со наклони предвидени во основните проекти во најголема мера појавија одредена нестабилност, а во одредени делови на трасата ваквата нестабилност е изразена во значителна мера што се манифстира во форма на свлечишта. Имајќи ја предвид на ваквата состојба е констатирана потреба од дополнување на основниот проект со изработка на нови проектни решенија за стабилизација и заштита на косини и санација на свлечишта на целата траса од автопатот, рече Пешевски.

Тој додаде дека е констатирана и потреба од изработка на дополнителна проектна документација за осум патни јазли и нови алтернативни патишта, натпатници, плочести пропусти за поврзување на населените места и земјоделски површини.

Според професорот Јосиф Јосифовски од Градежниот факултет, автопатот Кичево - Охрид не е обичен проект и не може да се споредува со други делници. Тоа, нагласи, е најкомплексниот проект што изминатите децении се работел кај нас од повеќе аспекти.

- Мое лично согледување е дека ова десетгодишно мачење се должи на два аспекти, значи причините се двократни. Првите се технички причини што се директно поврзани со квалитетот на проектната документација што веќе имплицитно беше и од колегата Дарко споменато, меѓутоа и неефикасните административни постапки и одлуки, кои што земаат многу време. Драгоцено време во кое инженерите не можат да го прават она за што се платени и при тоа се зголемуваат фиксните трошоци, забележа Јосифоски.

Автопатската делница Охрид - Кичево е дел од Коридорот 8, со вкупна должина од 57 километри, проект чија цена од првично предвидените 374 милиони достигна 598 милиони евра. Изградбата на автопатот почна во февруари 2014 година и после неколкуте анекси и продолжувања на роковите требаше да биде целосно завршен до крајот на оваа година. аб/ев/

ФОТО: МИА Архива 

Остани поврзан