Панел-дискусија „Дигитална трансформација и нови можности за женско претприемништво“
- Националната платформа за женско претприемништво денеска ќе одржи панел-дискусија на тема „Дигитална трансформација и нови можности за женско претприемништво“.
Скопје, 15 јуни 2022 (МИА) - Националната платформа за женско претприемништво денеска ќе одржи панел-дискусија на тема „Дигитална трансформација и нови можности за женско претприемништво“.
Како што информираат од платформата, на панел-дискусијата за актуелната тема ќе зборуваат Весна Иваноска - директор на SEAVUS едукативен и развоен центар, Анета Антова Пешева - претседател на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ, Флорина Џингова - генерален менаџер и водечки инструктор во М3ДС Академијата, Македонка Димитрова - професор, претприемач и истражувач во полето на дигиталните и зелените бизнис модели во рамките на Институт за одржливост ЕКОС Скопје, Ирена Георѓиевска - раководител на одделение за спроведување на програми во Фондот за иновации и технолошки развој и Орхидеја Ѓоргоска - државен советник за финансиски прашања и координатор за еднакви можности и недискриминација при Министерство за информатичко општество и администрација. Форумот во име на Националната платформа за женско претприемништво ќе го отвори претседателката Валентина Дисоска, која е и претседател на Здружението на бизнис жени а презентација за достигнувања, можности и потенцијали за развој на женското претприемништво, во име на тимот на Националната платформа ќе има Емилија Андонова од Фондација МИР, партнер во проектот Националната платформа за женско претприемништво. Модератор на настанот ќе биде Викторија Митрикеска - локален координатор на Национална платформа за женско претприемништво во Скопскиот плански регион. Регионалниот форум се организира во рамките на Националната платформа за женско претприемништво, која е воспоставена преку проект кофинансиран од ЕУ, а е спроведуван од Здружение на бизнис жени во партнерство со Сојуз на стопански комори на Македонија, Национална федерација на фармери и Фондација за менаџмент и индустриско истражување МИР. ар/нд/