• недела, 10 ноември 2024

Општина Центар почна реконструкцијата на улицата „Елисие Поповски“

Општина Центар почна реконструкцијата на улицата „Елисие Поповски“

Скопје, 30 август 2024 (МИА) - Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски денеска беше во населбата Капиштец каде започна реконструкцијата на улицата „Елисие Поповски“. Градежните активности предвидуваат отстранување на стариот и поставување нов асфалт на површина од 4.822 метри квадратни, подигнување и нивелирање на постојните шахти, вградување нови бетонски рабници и поплочување на тротоарите со павер елементи.

Герасимовски посочи дека улицата целосно ќе биде реконструирана до октомври, кога и ќе биде пуштена во употреба.

- На овој потег ќе работиме со забрзана динамика бидејќи станува збор за фреквентна улица. Затоа ги повикувам граѓаните да имаат трпение додека траат градежните активности. Најважно е да добиеме улица што ќе биде функционална и безбедна за сите учесници во сообраќајот, како што и доликува за центарот на градот. Во исто време ќе овозможиме подобар и побрз пристап до Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, рече градоначалникот на Општина Центар.

За реконструкцијата на улицата „ Елисие Поповски“ од општинскиот буџет се издвоени 13 милиони денари.

Од Општина Центар информираат дека деновиве се привршува и со асфалтирањето на улицата „Блаже Тодоровски” во Ново Маало, каде за првпат е изградена водоводна, фекална и атмосферска мрежа. Улицата треба да биде пуштена во употреба за десетина дена. 

Општина Центар до крајот на годинава ќе ги обнови и улиците „Светозар Марковиќ”, „Донбас”, „Алберт Ајнштајн”, „Андон Дуков” и „Дебарца” која од Ленинова води до задната страна на студентскиот Кузман Јосифовски Питу. ир/лв/

 

Фото: Општина Центар

 

Остани поврзан