Општина Пехчево со појаснување за третманот на уличните кучиња
- Третманот се спроведува согласно закон, општината апелира на одговорно сопствеништво
Пехчево, 15 јануари 2025 (МИА) - Општина Пехчево преку соопштение до јавноста информира дека постапува согласно законските надлежности во однос на проблемот со уличните кучиња, по реакциите и писмените барања кои во изминатиот период пристигнале до општината, како и коментарите на социјалните мрежи.
Како што се наведува, согласно член 28 од Законот за заштита и благосостојба на животните, Општина Пехчево има изготвено План за третман на бездомни, регистрирани и нерегистрирани кучиња. За таа намена, на 27 март 2025 година е спроведена јавна набавка за заловување, прифаќање и третирање на кучиња скитници, при што е избран оператор – ДООЕЛ Ветеринарна станица Виница, со кој е склучен договор со важност до 27 март 2026 година.
Од општината информираат дека согласно договорот и предвидениот буџет, веќе е извршено заловување на кучиња скитници на територијата на општината, во присуство на службено лице и со комплетна евиденција за секое заловено куче.
-По заловувањето, кучињата се кастрираат или ојаловуваат, здравствено се третираат, добиваат превентивна здравствена заштита и се подложуваат на тест за социјализација, согласно прописите од областа на ветеринарното здравство. Потоа, истите треба да се вдомат или да се вратат во реонот од каде што биле заловени, се наведува во соопштението.
Бидејќи дел од заловените кучиња не биле вдомени, по завршените постапки тие повторно се вратени на територијата на Општина Пехчево.
Од локалната самоуправа посочуваат дека главната причина за појавата на улични кучиња е неодговорното сопствеништво и апелираат до граѓаните кои чуваат домашни миленичиња да се грижат совесно и одговорно за нив.
Воедно, општината ги има известено надлежните институции за постапување по случаите на неодговорно сопствеништво, при што, како што се наведува, неодговорните сопственици ќе бидат санкционирани согласно законските прописи. вс/аа/
Фото: Општина Пехчево