• сабота, 23 ноември 2024

Омаж по повод 110 години од раѓањето на Димче Коцо

Омаж по повод 110 години од раѓањето на Димче Коцо
Скопје, 21 јуни 2021 (МИА) – По повод 110 години од раѓањето на ликовниот автор Димче Коцо, на програмата на Националната галерија во јуни стапува на сцена Омажот за Коцо во Чифте амам. Оваа јубилејна изложба има за цел да потсети на неговиот богат и тематско и стилски разновиден опус, разоткривајќи го повторно пред стручната јавност, но и пред пошироката публика неговото обемно ликовно творештво. - НУ Национална галерија на Република Северна Македонија ја најавува јубилејната изложба посветена на Димче Коцо, „Димче Коцо (1910 – 2020), јубилеј по повод 110 години од раѓањето“, која ќе биде отворена на 23 јуни 2021 година, во 20 часот, во објектот Чифте амам. Изложбата, која ќе опфати речиси 150 таписерии, слики, скулптури и цртежи од сите фази на творештвото на овој реномиран автор, како и негови лични документи, ќе трае до крајот на август 2021 година. Таа беше вклучена во програмата на Националната галерија за 2020 година, но поради постојната ситуација со пандемијата од ковид-19, реализацијата на проектот се префрли за тековната 2021 година, се наведува во сопштението од Националната галерија. Димче Коцо има огромно значење и одиграл важна улогата во развојот на научната мисла, но и во афирмацијата на ликовната уметност и во продорот на новите уметнички влијанија. -Националната галерија во периодот пред и по прославата на 70-годишнината од своето постоење, си постави за цел, би рекле во еден ренесансен зафат, да ги осветли со нови синтезни претставувања великаните на македонската ликовна уметност, со истражувачки изложби кои ќе го предизвикаат вниманието не само на широката публика туку и на институциите на уметноста. Така, како резултат на долготрајни подготовки, дојде до големи претставувања на великаните на македонското сликарство како Петар Мазев и Борко Лазески, а се подготвуваат и нови, истакнала директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова-Ќерими. Димче Коцо е наш најпознат историчар на уметноста кој со својата сестрана активност во текот на низа децении на минатиот 20 век ја раздвижуваше научната мисла во Македонија, во сите области поврзани со историјата на уметноста. На изложбата ќе бидат поставени дела во сопственост на институции и приватни лица кои веќе се познати во македонската ликовна јавност, но и дела кои досега не биле изложувани.   Овој проект ќе го претстават трите кураторки, виш кустос Славица Алексоска, виш кустос Маја Неделкоска Брзанова и виш кустос Маја Чанкуловска.свс/скс/

Остани поврзан