• петок, 27 декември 2024

„Од колено на колено слободно Тетово“, свеченост со која се одбележа Денот на ослободување на Тетово 

„Од колено на колено слободно Тетово“, свеченост со која се одбележа Денот на ослободување на Тетово 

Тетово, 19 ноември 2023 (МИА) -  Со свеченост под слоганот „Од колено на колено слободно Тетово“ синоќа се одбележа Денот на ослободувањето на Тетово - 19 Ноември. На оваа манифестација која пред пет години ја возобнови општинската организација на Сојузот на борци Тетово и граѓаните продолжувачи, втора година по ред се доделија и признанијата „19 Ноември“ за животно дело и за посебен придонес во одредена област.

Признание „19 Ноември“ за животно дело во повеќе области добија пет личности. Во областа на спортот доби Јованче Јовановски-Шуко, каратист и карате тренер. За култура, признание доби Симеон Златев-Моне, основач на Најмалиот етнолошки музеј во Џепчиште. Признание „19 Ноември“ за животно дело во областа на театарската игра доби Панче Грнчаровски. Исто такво признание за животно дело во текстилната индустрија доби Никола Спасовски. Постхумно признание „19 Ноември“ за животно дело во областа на медицина, спорт и млади постхумно беше доделено на д-р Раско Митовски.

За трајни вредности признание беше доделено на ТЕХО – Фестивал Тетовски хорски одзиви. За посебен придонес во градското живеење признание доби групата „Вторниковци“. Признанието за научна работа го доби д-р Бранислав Светозаревиќ за научното дело „Македонци-милениумски сведоштва за идентитеското име“. За хуманост признание беше доделено на Надир Мурсели, додека за придонес во музиката на диџеј Александар Галоски.

Претседавачот на градскиот одбор за оддавање на признанијата по повод Денот на ослободување на Тетово, Даријан Сотировски во обраќањето пред присутните потсети дека ова е петта година како е обновено градското одбележување со што веќе се воспостави традиција која ќе продолжи и во иднина.

- Тетово е последен ослободен град со што е ослободена и Македонија и ова е значајно не само за нашиот град, туку за целата држава и цениме дека вредностите на Народно-ослободителната борба и тоа како се покажа денес. Седумдесет и девет години сè уште забележуваме актуелност на загрозувањето на овие вредности но и актуелноста на повторното воспоставување и афирмирање на тие вредности како една неопходност во егзистирањето на македонскиот народ, култура, националност и идентитет, бидејќи тоа е нешто што во темелот не зајакнува како нација, изјави Даријан Сотировски.

Дел од свеченоста беа музичко сценски настапи на Воениот оркестар на АРМ, балетска група при Државен музичко-балетски училиштен центар „Илија Николовски – Луј- Скопје, вокалните изведувачи Андријана Јаневска и Влатко Лозановски, Зоран Грковски и Ана Петровска на саксофон и пијано, градскиот женски хор Менада и Летечка театарска трупа со пригодна пиеса. ас/цр

Фото: МИА 

Остани поврзан