• петок, 27 декември 2024

Објавена „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски – книга за есеистиката на Горан Стефановски

Објавена „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски – книга за есеистиката на Горан Стефановски

Скопје, 4 октомври 2022 (МИА) - По повод 70 години од раѓањето на Горан Стефановски, издавачката куќа „Полица“ ја објави книгата „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски. Ова е прва книга во која детално се анализира и вреднува есеистичкото творештво на Стефановски и во македонската книжевна наука надоместува прочит и вреднување на исклучително важен дел од опусот на еден од најзначајните македонски автори.

Покрај научната студија на Антоновски, во книгата, која е издадена во соработка со Здружението за промоција и зачувување на културното наследство на Горан Стефановски, објавен е и последниот, тестаментален есеј на Стефановски – „Искрата што се измолкнува (наративи помеѓу чеканот и наковалната)“.

-Еве, конечно, едно не само пионерско, туку и професионално, методолошки точно поставено проучување на Горановата есеистика. Имено, таа методолошка „десетка во целта“ лежи во сфаќањето на Иван Антоновски дека „есејот на Горан Стефановски може да биде метажанр“ во однос на неговите пиеси. Кај големите автори, впрочем, есејот е секогаш метажанр на нивната уметност: доволно е да се сетиме на Милан Кундера и на неговата есеистика, но и на неговите есеистички фрактали инкорпорирани во неговите романи. Кај Горан Стефановски е исто: сите негови драми се, всушност, есеи за идентитетот (прекодирани генолошки во драмска форма), што значи – приказни што инвестираат во идентитетските темели на македонската култура. Еднакво, и есеите му се драматизирани размисли над идентитетот и над драмскиот чин воопшто, пишува за оваа книга, универзитетскиот професор, писател и книжевен критичар, Венко Андоновски.

Според неговите оцени, во „Идентитетот е приказна“, Иван Антоновски беспрекорно ја покажува таа семио-осмоза меѓу драмите и есеите на Стефановски.

-Неговата студија е методолошки чиста, инвентивна, јасна и дескриптивно-остензивна. Со еден збор, сјајно напишана научна студија за светлината на нашата драмска книжевност и театар – Горан Стефановски, истакнува Андоновски во изданието.

Во книгата Антоновски констатира дека есеистичкиот текст на Стефановски со своите особености ги надминува досегашните теориски одредби за есејот, по што користи хибриден теориско-критички пристап за да може да се дојде до можни, но и реални одговори на дел од низата прашања отворени со оваа прва толку темелна анализа на есеистиката на големиот македонски драмски писател, но и есеист.

Тој не само што во книгата лесно, ама прецизно ги вткајува користените извори и претходните теориски прочити клучни за анализа на есеистички текстови, туку и постојано води исклучително мудар и провокативен дијалог со големиот промислувач Горан Стефановски. И како што е нагласено во рецензијата на книгата, „ова израснува во дијалог на (книжевен) син и татко!“ Срцевината на книгата се поглавјето во кое се третира поетиката на есеите на Стефановски, при што од Антоновски тие, за првпат се класифицирани  како одделен тип есеј (што би можело да биде предмет и на вистински полемики) и поглавјето во кое се истражува, односно објаснува поимот „Идентитетот е приказна...“.

Антоновски, потоа, вниманието го насочува и кон одделни прашања и дилеми поврзани со идентитетот, присутни во есејот на Стефановски, претставувајќи ги и преку своевиден мини-каталог.

-Оваа студиозна и високо книжевно-критичка анализа на есеистичкото творештво на Горан Стефановски покажува дека тоа творештво може да се чита од повеќе аспекти, коишто се релевантни не само за книжевната наука, туку и за културологијата во поширока рамка, а кои се веќе референтни и за македонската книжевна историја, посочува во рецензијата за книгата, универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска.

Според нејзините оцени, книгата „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски е исклучително проучување и на полето на современата македонска книжевна наука и на полето на македонската култура.

- Низ еден извонреден дијалог со есеите на Стефановски засилен со исклучителен број научно-истражувачки места, оваа книга дава одличен импулс во книжевно-теориските истражувања на некои актуелни и нови теми и проблеми на македонското творештво. Верувам дека оваа книга ќе поттикне и нови согледби за ова проблематика, како и дека ќе поттикне и отвори низа други прашања кои може да станат појдовни точки за некои понатамошни, нови истражувања на полето на македонската книжевност и македонската култура, констатира Мојсова-Чепишевска.

Инаку, Иван Антоновски е млад, но искусен и докажан автор, кој зад себе веќе има неколку публикации, а од крајот на 2021 година е асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Првичната верзија на книгата „Идентитетот е приказна“ беше негов магистерски труд, со кој оствари обид за прочит и вреднување на есеистиката на Горан Стефановски.

Објавувањето на книгата „Идентитетот е приказна“ е остварено со поддршка од Министерството за култура.

Книгата веќе е достапна за читателите во книжарницата на „Полица“ во Скопје, а наскоро ќе ја има и во другите поголеми книжарници во земјата. сст/дма/

Остани поврзан