• четврток, 09 април 2026

Во Кавадарци отворена изложба за црквите и манастирите во Гевгелиско 

Во Кавадарци отворена изложба за црквите и манастирите во Гевгелиско 

Кавадарци, 8 април 2026 (МИА) - Во Музејот, куќа на мирис и вкус во  Кавадарци, денеска беше отворена изложба за црквите и манастирите во Гевгелиско, како и промовиран каталог за пет години архив на етнолошки предмети при Домот на култура во Гевгелија.

Ангела Симонова, кустос  етнолог при кавадаречкиот музеј, рече дека настанот е плод на соработката помеѓу двете културни установи.

- Со оваа изложба се претставува петгодишната работа на архивот на етнолошки предмети на Дом на култура Гевгелија како и промоција на фотографии од манастирите и црквите во Гевгелиско. Оваа изложба претставува резултат на посветена работа, истржување, зачувување и љубов кон традицијата. Етнолошката збирка на Дом на култура Гевгелија е богата со покуќнински предмети, ткаеници, рачно изработени плетива, везови, декоративни елементи и традиционални носии од повеќе предели на Македонија, додаде таа. 

Симонова истакна дека гевгелискиот регион се одликува со големо духовно и религиско  наследство што се отсликува преку манастирите и црквите во гевгелиско, тие се вбројуваат меѓу најпосетените објекти од страна на странски истражувачи. 

-Авторот на оваа изложба, кореограф - етнокореолог Силвестер Проле, не само што ни ги претставува црквите и манастирите како сакрални објекти, претставен е и народот облечен во свечени носии. И денес, овие свети места остануваат важни духовни обележја и живи сведоци на историјата, традицијата и верата. Тие претставуваат мост помеѓу минатото и сегашноста, зачувувајќи ја колективната меморија и културниот идентитет на гевгелискиот регион, сподели таа. 

Притоа појасни дека изложбата е претставена преку седумнаесет паноа и кратко видео на кое преку визуелен и интересен приказ се прикажува етнолошката збирка на Домот на култура Гевгелија. 

За Проле, таа рече дека со својата работа придонесува за зачувување и афирмација на етнолошкото богатство. 

Пред присутните се обратија и авторот на изложбата и директорката на Музејот во Гевгелија. свд/вг/


Фото: МИА 

Остани поврзан