• петок, 27 декември 2024

Обезбедување го чува градилиштето за катна гаража кај штипскиот Центар за култура

Обезбедување го чува градилиштето за катна гаража кај штипскиот Центар за култура

Штип, 2 ноември 2023 (МИА) - Просторот зад зградата на Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип, каде што се гради првата катна гаража од утринава се обезбедува од приватно обезбедување, ангажирано од инвеститорот.  

Директорот на штипскиот Центар за култура Горан Трајков денеска реагираше на нов инцидент, кој се случил утринава, односно тоа што неговото возило било насилно отстрането од пред службениот влез на Центарот. Апелираше градоначалникот Иван Јорданов да одговори  на поканата и да разговараат за случувањата.

-Утринава дојдоа вработени лица во Општина Штип, по налог на градоначалникот возилото беше разбиено и беше отстрането. Втората работа, за да биде трагедијата уште поголема и самовластието кое го покажува градоначалникот и замислува како треба да функционира еден град, а тоа е само како тој што мисли, треба да знае дека поради попречувањето на службениот влез и неможноста да се извади опремата останата од „Макфест“, ние сега не можеме да работиме внатре. Во тој дел апелирам, го повикувам градоначалникот уште еднаш јавно, да седнеме и да ги расчистиме сите недоумици, вели Трајков.

Надлежните од Секторот за внатрешни работи – Штип потврдија дека  има пријава за настанот кој се случил утринава. Било пријавено оштетување на возилото, кое било преместено од една на друга паркинг позиција. Трајков вели дека во полицијата ќе поднесе нови кривични пријави, а има поднесено и барање за стручна експертиза за оштетувањата на зградата на националната установа.

-Од Судот сѐ уште нема донесено одлука за времената мерка, апелираме што побргу да се донесе и да ни се овозможи да работиме, и тие да си работат. Поднесовме до стручните лица за стручна експертиза за нанесување штета на Центарот за култура, којашто е направена. Ги очекуваме и потоа ќе следат соодветни тужби и кривични пријави, вели Трајков.

Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов останува на вчерашниот став дека станува збор за партиски кочници од страна на власта за развојот на градот. Вчера тој на Фејсбук напиша дека неовластени лица вршеле блокада на градежните активности и бараше итна деблокада на градилиштето од страна на МВР-СВР Штип. вдј/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан