• сабота, 28 декември 2024

Целосно опремени ТППЕ во Старо Нагоричан, Ранковце и Кратово со лична заштитна пп опрема, донација од Стопанска банка

Целосно опремени ТППЕ во Старо Нагоричан, Ранковце и Кратово со лична заштитна пп опрема, донација од Стопанска банка

Скопје, 27 декември 2024 (МИА) - Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, организирал протоколарна средба на пожарникари - претставници од три Територијални противпожарни единици (ТППЕ) со раководни луѓе од Стопанска банка, во ЦУК, предводени од генералниот извршен директор и претседател на Управниот одбор на Стопанска банка, Диомидис Николетопулос, по повод донацијата од банката на лична заштитна противпожарна опрема, заштитна униформа, за пожарникарите за гаснење пожари на отворен простор, координирана преку ЦУК, што веќе почнаа да ја употребуваат. 

Со оваа донација, што веќе пожарникарите ја употребуваат, како што денеска соопштија од ЦУК,  целосно се опремени три територијални противпротивпожарни единици со индивидуална пожарникарска униформа што вклучува: чизми, шлем, ракавици, јакна, кошула и пантолони.

- Униформата е со врвен квалитет и е специјално изработена за борба со шумски пожари, природна непогода од што секоја година страдаат шумите, а и материјалните добра и населби во нашите планини. ТППЕ Старо Нагоричане, ТППЕ Ранковце и ТППЕ Кратово, што заедно имаат вкупно 27 пожарникари. Веќе ја користат опремата и го изразија своето задоволство на средбата со раководните луѓе на Управниот одбор на Стопанска банка во Центарот за управување со кризи, се наведува во соопштението.

Генералниот извршен директор и претседател на Управниот одбор на Стопанска банка, Николетопулос на средбата со присутните пожарникари претставници од територијалните единици им се заблагодарил за нивната пожртвуваност и посветеност кон заштитата на природата и граѓаните од една од најопасните појави – пожарот.

- Донацијата од Банката е израз на нашата длабока благодарност и почит кон сите Вас, поттикната од разорните пожари што ја зафатија земјата во текот на летото, но што за жал се се почести во целиот регион. Соочени со разорната моќ на шумските пожари ја откриваме нашата ранливост како општество и заедница, па затоа, ако веќе сме во можност, помошта за првата линија на отпорот е најмалку што можеме да направиме. Искрено, се надеваме дека опремата нема да треба да ја користите често, но во исто време не радува фактот што добивте целосно нова и современа опрема што ќе ве заштитува и ќе ви овозможува подобри услови за работа, нагласил Николетопулос.

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, на средбата изразил голема благодарност на пожарникарите за нивниот голем ангажман во справување со огнените стихии и на Банката како донатор за помагање на пожарникарите, при што посочил дека реализираната донација е во линија со кампањата „Дома“ со што во текот на 2024 година се промовира 80-иот јубилеј на Стопанска банка. 

Диомидис Николетопулос изразил благодарност и за ЦУК, преку кој се реализираше донацијата, бидејќи имаа директен увид за состојбите на теренот и беа во можност да направат полесно проценка кои територијални единици би можело да се опфатат со донацијата.

- Конкретно, поттикот за донацијата дојде во екот на катастрофалните пожари што ги зафатија шумите низ државата и Банката се обрати во Центарот за управување со кризи со понуда да помогне на начин што ќе ги засили напорите за справување со шумски пожари на подолг рок. Преку консултативните и координативни преговори со ЦУК, беше предложено да се обезбеди комплет индивидуална опрема за 27 пожарникари, односно комплетно опремување на 3 територијални единици и сите нивни активни пожарникари - Старо Нагоричане, Ранковце и Кратово. Тоа и се реализираше. Банката ја набави опремата од локални добавувачи кои испорачаа врвна опрема изработена по светски стандарди што може да издржи високи температури со максимална заштита за корисниците. Опремата, со точно назначени димензии за конкретните пожарникари, е доставена во единиците и пожарникарите ја имаат на располагање и користење, се појаснува во соопштението од ЦУК. цр/дма/

Фото: ЦУК

Остани поврзан