• петок, 27 декември 2024

Николовски: Воведуваме нова финансиска поддршка за набавка на вештачки ѓубрива

Николовски: Воведуваме нова финансиска поддршка за набавка на вештачки ѓубрива

Скопје, 4 март 2022 (МИА) - Преку планираната Програма за интервентен фонд да се обезбеди финансиска поддршка за производителите на житни култури, односно за надополнување на разликата на цените за ѓубриво и на останатите репроматеријали, а се со цел да се анулираат зголемените трошоци за ѓубрива, за земјоделците да имаат рентабилно производство во овие услови на зголемени цени на репроматеријалите.

Ова е договорени на денешниот работен состанок на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и потсекторската група за житни култури во врска со последните зголемувања на цените на вештачките ѓубрива и изнаоѓање на нови мерки за помош на земјоделците.

Како што соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостпанство, за оваа намена преку интервентниот фонд кој првпат се воведува оваа година, планирани се околу 120 милиони денари кои ќе бидат наменети за субвенционирање на трошоците за ѓубрива. Конкретно, според анализите поради регистрираниот пораст на цените на вештачките ѓубрива планирана е поддршка  од 2.500 денари по хектар за направен трошок за набавени  вештачки ѓубриња и тоа во количина најмалку од 200 килограми по хектар.

Корисници на оваа подмерка се носители или членови на земјоделски стопанства кои во производната 2021/2022 година имаат засеани површини со пченица и јачмен. Услов за користење на оваа финансиска поддршка е  при поднесување на барањата за субвенцијата физичките лица да приложат фискална сметка со пропратен документ за идентификација за припадноста на фискалната сметка (сметкопотврда или испратница) каде е назначен видот на вештачкото ѓубре и количината изразена во килограми, а правните лица ќе треба да приложат фактура со испратница каде е назначен видот на вештачкото ѓубре и количината изразена во килограми вклучително и доказ за извршено плаќање по фактура односно уплатница или извод од банка. мд/са/

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан