• сабота, 23 ноември 2024

Најстариот македонски ресторан во Велика Британија и во светот денеска слави 45-годишен јубилеј

Најстариот македонски ресторан во Велика Британија и во светот денеска слави 45-годишен јубилеј

Литлхемптон, 19 јyни 2024 (МИА) - Најстариот сѐ уште активен македонски ресторан вон границите на државата, „Вардар“ на Петре и Лорета Стојановски од Велика Британија, денеска слави 45 години постоење и непрекината работа. 

„Денешниот свет е опседнат со храна и брз начин на живеење. Нови ресторани и концепти се отвораат преку ноќ и се затвораат многу брзо по нивното отворање. Статистиката ни дава податоци дека 60 отсто од рестораните не ја преживуваат првата година, додека пак, 80 насто не успеваат да опстојат подолго од пет години. Македонскиот ресторан ‘Вардар’ во гратчето Литлхемптон, Сасекс, Англија, им пркоси на овие статистики и опстојува цели 45 години, во средина во којашто никој не разбира што значи ова ‘чудно’ име кое тешко може да се прочита, а уште потешко и да се изговори“, се наведува во соопштението.

Ресторанот „Вардар“ можеби навистина е енигма за гастрономите, како што известува Гоце Дуртаноски, но Петре и Лорета имаат едноставен одговор за тајната на нивниот семеен бизнис: „Посветеност и љубов кон професијата, искреност и подготвеност да се исполнат желбите на гостите и квалитетна храна - е девизата од којашто никогаш не треба да се отстапува и што треба да биде мото за секој кој одлучил професионално да се занимава со гастрономија.“ 

Гостилницата почнала со работа на 19 јуни, далечната 1979 година, со цел претставување на македонската традиционална кујна „преку името на нашата најдолга река што претставува културен, традициски и духовен симбол на сите радости и страдања на Македонците во својата историја“, велат сопствениците. 

Тимот на „Вардар“ го сочинуваат: Горан Митески, Тина Карафилоска, Лорета и Петре Стојановски.

Мајстор Петре, познат и како „македонскиот Пол Бокуз“ вели дека ресторанот е место на гости од три поколенија од Литлхамптон и соседните градови Вортинг, Чичестер и Арундел, а гости доаѓаат и од Брајтон и Лондон.  си/

Фото: Георги Гоце Дуртаноски

Остани поврзан