• сабота, 23 ноември 2024

Проекција на кратки видео арт филмови на 6. издание на изложбата „Фемина 8“

Проекција на кратки видео арт филмови на 6. издание на изложбата „Фемина 8“

Скопје, 28 јуни 2024 (МИА) - Шестото издание на изложбата „Фемина 8“, со проекција на 13 кратки видео филмови од домашни и странски автори ќе се одржи денеска во Скопје, во Кинотека на Северна Македонија.

Изложбата е кураторски проект на Јана Манева-Чупоска во рамки на програмските активности на Друштвото на ликовните уметници на Македонија - ДЛУМ, кој има за цел да обедини повеќе различни ликовни стилови, знаци и пораки.

На изложбата „Фемина 8“ досега учествувале над стотина македонски и странски ликовни уметници. Препознатлива е по карактерот и ликовниот израз кој во себе содржи повеќе ликовни медиуми, од класичното штафелајско сликарство сè до концептуални формати и нови медиуми.

Изложбата е проект во која се следи жената како субјект/објект и нејзината улога во повеќе сегменти: историски, социолошки, философски, религиски и други аспекти и гледишта. „Таа“, според основното етимолошко и граматичко значење се толкува како лична заменка за трето лице еднина од женски род.

-Оваа лична заменка се користи да се означи или посочи некоја именка од женски род, која и не мора да е присутна во моментот на зборување“. Во ликовен контекст, асоцијативно, од граматичката основа на самиот збор „Таа“, но во проширен уметнички контекст на истражување, сите овие асоцијации придонесуваат за дефинирање на насловот на видеата. Присвојните заменки се дополнителен истражувачки предизвик во концептот на надополнување на насловот на видеата „Таа“, во комуникација со присвојните заменки: таа, нејзин/нејзина/ нејзино/ нејзини, неа ја, нејзе ѝ, неа, стои во најавата за изложбата.

Проектот „Фемина“ е дел од Годишната програма на ДЛУМ и годинашната програма на Скопското културно лето.

Кураторката на проектот Јана Манева-Чупоска е редовен професор на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет и е актуелен претсеадтел на ДЛУМ. вг/бак/

Фото: ДЛУМ

Остани поврзан