• четврток, 26 декември 2024

Предавање на Андреј Мирчев на 8.КРИК фестивал

Предавање на Андреј Мирчев на 8.КРИК фестивал

Скопје, 25 јануари 2024 (МИА) - Професорот, драматург и визуелен уметник Андреј Мирчев вечерва во 18 часот, во КСП Центар - Јадро, ќе одржи предавање проследено со дискусија на тема „Иконокластични изведби: Кон агонистичка политика на слики“.

Предавањето на Мирчев, кој во моментов предава на берлинскиот Универзитет за уметност, е во рамки на осмото издание на КРИК - фестивал за критичка култура, во организација на Контрапункт, кој годинава тематски е насловен „Заробени во слободата“. 

Фокусирајќи се на концептот на иконoкластична изведба, како што наведуваат организаторите на фестивалот, предавањето го обмислува мачниот однос меѓу уметничките практики и современата политика обележана со неолиберална амнезија.

-Во контекст на тековните културни војни, актите на кршење на сликите означуваат субверзивни тактики за нарушување на циркулацијата на неофашистичките идеологии усогласени со територијалната логика на капитализмот, патријархалното и колонијалното насилство. Во исто време, упорното уништување на социјалистичките споменици е едно од одлучувачките алатки на историскиот ревизионизам после падот на Берлинскиот ѕид. Деконструирајќи ги симболите и претставите на моќта, овие чинови го оспоруваат неолибералниот јавен простор изграден околу исклучувањето на Другоста, но може да доведат и до негово зацврстување. Во обид да се артикулира агонистичка политика на слики, ќе се испита двосмислената идеја за иконокластични изведби и ќе се фрли светло врз нивната естетска моќ за да ги изложи алтернативните модели на родова, расна и класно свесна субјективација, се посочува кон предавањето.

Андреј Мирчев е професор, драматург и визуелен уметник. Неговите истражувања се занимаваат со дијалектички трансфер помеѓу теоријата и практиката, а неговите интереси се просторната теорија и теоријата на изведба, интермедијалноста, меморијата и архивите.

Мирчев бил научен соработник во Меѓународниот истражувачки центар „Преплетување на културите на перформанс“ во Берлин. Предавал на Институтот за применети театарски студии во Гизен, на Универзитетот за уметност и дизајн (HfG) во Карлсруе и на Институтот за театарски студии, ФУ Берлин. Во моментов е гостин професор на Универзитетот за уметности во Берлин. вг/бак/

Фото: КРИК Фестивал

 

 

Остани поврзан