• среда, 13 ноември 2024

Во Скопје Форум за културна дипломатија

Во Скопје Форум за културна дипломатија

Скопје, 5 септември 2023 (МИА) - Промовирање на демократијата, единството и мирот преку културна дипломатија во новата ера на конфликти и насилство е главниот фокус на „Форумот за културна дипломатија – Скопје 2023“ што денеска во Скопје официјално ќе го отвори поранешниот претседател на Република Македонија Ѓорге Иванов.  

На свеченото отворање, покрај претседателот Иванов, предвидени се обраќања и на градоначалникот на град Скопје Данела Арсовска и директорот на Институтот за културна дипломатија Марк Донфрид.

Форумот ќе биде сочинет од панел дискусии и дебати, средби, разговори и посети на државни институции при што домашните и странски претставници, дипломати, уметници, професори, личности од бизнис заедницата и од младински организации ќе имаат можност да изнесат свои ставови и да разменат идеи и мислења на повеќе теми.

По отворањето на форумот, ќе следува претседателски панел на кој ќе се обратат поранешните претседатели на Република Хрватска, Иво Јосиповиќ, на Република Србија, Борис Тадиќ, на Република Бугарија, Петар Стојанов, на Република Албанија, Бамир Топи и поранешниот претседавач на Федерацијата Босна и Херцеговина, Младен Иваниќ, кои ќе говорат на темата „Западен Балкан – Културен дијалог и размена“.

Меѓу бројните странски гости кои ќе говорат на форумот ќе бидат и Армин Лашет, кандидат за германски канцелар и премиер на покраината Северна Рајна-Вестфалија, Ана Линде, поранешна министерка за надворешни работи на Шведска, Елмар Брок претседавач со комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент 2012-17, поранешните премиери на Молдавија, Наталија Гаврилита и на Либан, Хасан Диаб, како и актуелни членови на парламентите на Шкотска, Хрватска, Романија, Ирска и на Европскиот парламент.

Форумот за културна дипломатија - Скопје 2023 е во ко-организација на Кабинетот на поранешниот претседател на Република Македонија Ѓорге Иванов, заедно со Институтот за културна дипломатија од Берлин, Градот Скопје и Меѓународниот центар „Алијанса на цивилазиите“. Се одржува во рамките на Светскиот форум за демократија и мир (2022-27), којшто е петгодишен проект на Институтот за културна дипломатија. Преку користење на дипломатија меѓу различните култури, овој проект има за цел да ги подобри меѓународните односи и да ги доближи страните во современиот свет. Неговата визија е преку своите мрежи и учесници да создаде креативни иницијативи и програми за продолжување на дијалогот и стабилизирање на состојбите, во рамките на меѓународната соработка. Претходниот форум се одржа во Берлин, а до крајот на годинава планирани се настани во Њујорк и во Брисел.вј/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан