• сабота, 23 ноември 2024

НАТО официјално се обврза да обезбеди воена помош за Украина во висина од 40 милијарди евра следната година

НАТО официјално се обврза да обезбеди воена помош за Украина во висина од 40 милијарди евра следната година

Вашингтон, 11 јули 2024 (МИА) - НАТО официјално се обврза да обезбеди воена помош за Украина во висина од 40 милијарди евра следната година, стои во заклучната декларација усвоена од шефовите на државите и владите на земјите-членки на Алијансата на состанокот во Вашингтон.

„Ние имаме намера да обезбедиме пакет основна помош во вредност од најмалку 40 милијарди евра следната година и потоа да ја одржуваме безбедносната помош на одржливо ниво, така што Украина ќе победи“, се наведува во соопштението, одобрено вчера по локално време во главниот град на САД од Северноатлантскиот совет - највисокиот политички орган за донесување одлуки во НАТО.

Во петокот, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, потврди дека алијансата ќе обезбеди воена помош за Украина во висина од 40 милијарди евра следната година. Сојузниците се договориле да го одржуваат овој финансиски ангажман и во 2026 година како минимално ниво потребно за задоволување на потребите на Украина за заштита од руската агресија, додаде тој.

Меѓутоа, ветувањето за 40 милијарди евра не е повеќегодишен финансиски ангажман за поддршка на Украина, што Столтенберг сакаше да биде одобрено од НАТО. Следната година, алијансата ќе направи ревизија на воената помош за оваа земја.

Унгарија, која се спротивставува на воената помош за Украина, доби право да не ја дава истата.

Лидерите на НАТО објавија дека патот на Украина кон членство во НАТО е неповратен, но не наведоа конкретни рокови. Поранешната советска република ќе може да се приклучи кон западниот воен сојуз кога ќе ги исполни соодветните услови и ќе биде постигната согласност меѓу земјите-членки.

Денеска лидерите на НАТО ќе се сретнат со украинскиот претседател Володимир Зеленски на состанок на Советот НАТО-Украина. Зеленски пристигна во Вашингтон со барања за членство и зголемување на помошта, особено во областа на противвоздушната одбрана.

Завчера, на првиот ден од самитот, сојузниците од НАТО се обврзаа да обезбедат десетици системи за противвоздушна одбрана на Украина, вклучувајќи четири системи „Патриот“.

Во заклучната декларација, лидерите на алијансата изразија загриженост за зближувањето меѓу Русија и Кина и ја осудија поддршката на Пекинг за руската инвазија во Украина. „Продлабочувањето на стратешкото партнерство меѓу Русија и Кина, како и нивните заеднички обиди да го дестабилизираат и прекројат поредокот базиран на правила, предизвикуваат длабока загриженост“, се вели во текстот.

Денеска, на последниот ден од Самитот, лидерите на НАТО ќе имаат состанок со партнери од Индо-Пацифичкиот регион и Европската Унија. Поканети се лидерите на Австралија, Нов Зеланд, Јапонија, Јужна Кореја, Украина и ЕУ, соопшти Стејт департментот на САД.

Пред почетокот на состанокот во Вашингтон, Кина ја критикуваше активноста на НАТО во Азијатско-тихоокеанскиот регион. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан