• недела, 24 ноември 2024

Настап на црковниот хор „Св. Петка“ на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука

Настап на црковниот хор „Св. Петка“ на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука

Скопје, 25 август 2024 (МИА) - Во рамки на Прилепски џез викенд, вечер од 18.30 чсот концерт ќе има Црковниот хор „Св. Петка“ од Прилеп, кој ќе изведе вокална програма од средновековни и модерни композитори на духовна музика. 

Концертот се организира во соработка со Центарот за истражување на предисторијата и ќе се одржи на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука во Пелагонија каде што се при крај годинашните истражувања. 

Како што информираат од Центарот, целта е со концертот што го организираат да се афирмира овој локалитет - неолитска населба, кој се истражува во изминатите девет години.

-Годинашните истражувања, кои се одвиваат веќе деветта година, беа особено плодни и реултираа со бројни нови откритија што ги надополнија сознанијата за оваа неолитска населба формирана пред повеќе од 8000 години. При ископувањата се откри цела нова градба, во која има масивна печка и систем на помали сандачиња за чување и обработка на житарици. Освен овие фасцинатни архитектонски остатоци, исто така беа пронајдени сликани садови, фигурини, жртвеници, антропоморфни модели, камени орудија и садови, што укажува на богатиот опус на материјална култура користена при секојдневните активности и обредите, соопшти Центарот за истражување на предисторијата.

Истражувањата се мултидисциплинарни и во соработка меѓу стручњаци и студенти од Центарот за истражување на предисторијата, Завод и музеј – Прилеп, Германскиот археолошки институт и Универзитетот во Базел.

Тие ќе продолжат и понатаму со кабинетски анализи на археолошките наоди и органските остатоци  и ќе бидат публикувани и презентирани во повеќе научни списанија и меѓународни конференции.

-Теренските и кабинетските истражувања се финансиски подржани од Фондот за истражување и заштита на предисториските тумби од Германија, Германскиот археолошки институт и Универзитетот во Базел, наведува Центарот. 

Црковниот хор „Света Петка“ од Прилеп е формиран во 2015 година од протопсалт м-р Гоце Секулоски, за потребите на новоизградениот истоимен храм на „Света преподобна маченица Параскева – Петка“.

Покрај учеството во молитвено-литургискиот живот на црквата во Прилеп, заедно со својот скратен состав ансамбл „Пелагонитиса“, организирал хуманитарни концерти и настапува на неколку културни манифестации во државава. хс/

Во својата програма, хорот негува музика од повеќе жанрови и категории во хорското творештво. хс/ цр

Фото: Прилеп џез викенд / Центар за истражување на предисторијата

 

Остани поврзан