• сабота, 23 ноември 2024

Муртезани: Не можам да тврдам, но има перцепција дека во МАНУ нема пристап за други етнички заедници

Муртезани: Не можам да тврдам, но има перцепција дека во МАНУ нема пристап за други етнички заедници

Скопје, 30 јули 2024 (МИА) - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, одговарајќи на новинарско прашање за иницијативата на коалицијата „Вреди“ да се формира Албанска академија на науки и уметности, рече дека станува збор за изборно ветување на коалицијата на последните парламентарни избори.

- Станува збор за изборно ветување, истото е напишано и ветено пред граѓаните. На овој проект не треба да се гледа како на тенденциозен, односно проект што е насочен кон одредена етничка заедница. Станува збор за проект што треба да создаде одреден простор за развој на науката, културата...Меѓутоа, останува да се види како тој проект, односно тоа ветување може да се реализира во склоп на законската регулатива, вели Муртезани.

Како што беше објаснето од претседателите на коалицијата „Вреди“, вели Муртезани, сегашната структура на МАНУ мислам дека е доволна основа да дојдеме до заклучокот дека таму етничката припадност е клучниот фактор за пристап, а не стручноста и науката.

- Јас само ќе споделам дел од перцепцијата на мнозинството Албанци. Перцепцијата е таква дека во МАНУ нема пристап за научници од другите етнички заедници. Меѓутоа, немам конкретна информација бидејќи не работам во МАНУ и не можам да тврдам дали е така или не, оцени Муртезани.

Од Македонската академија на науките и уметностите вчера излегоа со соопштение во кое посочија дека МАНУ отсекогаш била отворена за сите граѓани кои ги исполнуваат високите научни и уметнички критериуми за членство во неа, независно од етничката, верската и каква било друга припадност.

- За политичките партии и нивните влијанија никогаш немало место во неа, велат од МАНУ.

Коалицијата „Вреди“ викендов излезе со иницијатива за формирање албанска академија што наиде на реакции од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и опозициските СДСМ и Левица. Премиерот Христијан Мицкоски е дециден дека ја имаме Мекедонската академија на науките и уметностите, во чии рамки се собрани научниците од различна етничка припадност и треба да работиме во насока на збогатување на научната мисла и оти иднината не е во поделби, туку во обединување.  нд/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан