• четврток, 26 декември 2024

Младите од Малеш и Пијанец едногласни во барањата за отворање Младински центри

Младите од Малеш и Пијанец едногласни во барањата за отворање Младински центри

Делчево, 3 јануари 2024 (МИА) - Формирање младински центри е приоритетот на младите од Пијанечко-Малешевскиот регион. Ова го истакнаа од Локалната акциска група ,,Малеш-Пијанец" кои во изминатиот период на територијата на ЛАГ Малеш-Пијанец организираа фокус групи со средношколци од општините Берово и Делчево.

-Иако од различни општини едногласни за своите потреби, младите бараат отворање младински центри каде што ќе можат корисно да го поминуваат своето слободно време. Исто така, да се дружат, да се едуцираат на најразлични теми, место каде што ќе можат да ја развиваат својата креативност и да предлагаат и реализираат најразлични иницијативи за активности за млади во нивниот град, истакнаа од ЛАГ ,,Пијанец-Малеш".

Претходно, како што додадоа, во рамки на истиот проект беше објавен јавен повик за поддршка на вакви иницијативи за развој на локалната заедница кои ќе се реализираат во текот на оваа година.

-Во изминатите две години се поддржаа 4 иницијативи од овој проект меѓу кои: чистење на коритото на река Писа во Пехчево, уредување на две детски игралишта во селата Чифлик и Владимирово и се постави енергетски-ефикасно осветлување во Градскиот парк во Делчево, додадоа од ЛАГ Малеш-Пијанец.

Овие активности се дел од проектот Програма за развој на заедницата, финансиран од УСАИД, Агенцијата на САД за меѓународен развој, а имплементиран од страна на Мрежата за рурален развој на Северна Македонија во соработка со ЛАГ Малеш-Пијанец. вс/сст/

фото МИА

Остани поврзан