• петок, 27 декември 2024

Мишчевиќ: Главни услови за напредок кон ЕУ се владеење на правото и дијалогoт со Приштина

Мишчевиќ: Главни услови за напредок кон ЕУ се владеење на правото и дијалогoт со Приштина

Белград, 9 ноември 2023 (МИА) - Министерката за евроинтеграции на Србија, Тања Мишчевиќ, денеска оцени дека владеењето на правото и продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина се главните услови за напредокот на Србија кон Европската унија (ЕУ), јави дописникот на МИА од Белград.

-Владеење на правото и продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина се двата главни услови за напредок. Реформите во владеењето на правото се најважни за нашите граѓани на патот кон ЕУ. Решеноста на Србија активно да учествува во дијалогот е констатирана и во овој извештај, рече Мишчевиќ за РТС, коментирајќи го извештајот на Европската комисија за напредокот на Србија.

Според неа, важно е што и европските претставници изјавиле дека Заедницата на српските општини (ЗСО) е услов за натамошен напредок во дијалогот и нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.

-Без разлика на изборниот процес, ние продолжуваме да работиме, ги поминуваме сите критериуми за владеење на правото и како можеме да ги искористиме сите процеси за да направиме се што треба до 2030 година за земјите-членки позитивно да не оценат за прием, рече Тања Мишчевиќ.

Србија во изминатата година забележа одредено ниво на подготовка за членство во ЕУ во областа на правдата, борбата против корупцијата и организираниот криминал, додека во економијата бележи добро ниво, а темпото на преговорите ќе продолжи да зависи од реформите во областа на владеењето на правото и нормализацијата на односите со Косово, се наведува во годишниот извештај на Европската комисија за Србија објавен во средата.

Србија, се додава, мора да покаже сериозна посветеност, да вложи повеќе напори и да направи компромиси за да напредува процесот на нормализација на односите со Косово. об/мс/

Остани поврзан