• сабота, 23 ноември 2024

Мицевски обвини за злоупотреба на пратеничките прашања, Џафери побара толеранција до примена на новиот деловник

Мицевски обвини за злоупотреба на пратеничките прашања, Џафери побара толеранција до примена на новиот деловник

Скопје, 1 декември 2023 (МИА) - Поставувањето пратенички прашања се злоупотребува, обвини координаторот на пратеничката група на ВМРО - ДПМНЕ, Никола Мицевски на денешната Собраниска седница наменета за поставување пратенички прашања.

Според него, од вкупно 33 писмено одоговорени пратенички прашања, поставени на минатата седница, 23 се на власта, а само 10 на цела опозиција, односно шест на ВМРО - ДПМНЕ и четири на другите опозициски пратеници.

- И повторно имаме изигрување на институтот пратенички прашања и повторно алатката за поставување пратенички прашања од опозицијата се злоупотребува. Повторно од 33 одговори на писмени пратенички прашања, од кои 23 се одговори на пратеници на власта. Станува иронично и смешно ова што се случува, пратеници од власта кои имаат директен пристап до министерствата и министрите, бидејќи доаѓаат од нивните редови, пратеничките прашања да ги поставуваат писмено и на тоа веднаш да добиваат одговори. А прашања поставени усно на минатата седница на колешка од опозицијата на која и беше речено дека трите одговори ќе ги добие писмено за оваа седница има добиено само еден одговор, рече Мицевски од собраниската говорница.

Тој забележа дека пратеничка од власта, која, според него, има поставено меѓу 100 и 120 писмени прашања, бара поединечно да се каже до каде е постапката за секој за добивање државјанство.

- Иако согласно закон тоа е управна постапка која се води во МВР, за кое треба да се направат соодветни проверки, документација и да исполнуваат услови за добивање државјанство. Дали ако се смени власта може јас како пратеник за сите 5-6 илјади легализации во Општина Штип да побарам поединечно пратеничко прашање. Се злоупотребува институтот и алармирам до власта да не ги злоупотребува пратеничките прашања со вакви одговори, додаде Мицевски.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, побара да се стрпат до следниот собраниски мандат од кога треба да почне со примена новиот деловник и оти сега пратениците имаат такво деловничко право.

- Да се стрпите до примена на новиот деловник, кога ќе нема таква можност. Не е злоуптребено, ова е деловничко право на пратеник, не кажува опозиција,власт. Меѓу две седници пратеникот зборува за пратениците не за опозиција и власт, има право да поднесува и поставува пратеничко прашање до соодветното министретство, односно институција. Ќе се стрпите уште пет-шест седници, од нарендиот мандат тоа е дефениринано прецизирано во крајна инстанца. Тоа е доказ плус за потребата што го донесовме деловникот, рече Џафери. сс/цр

Фото: МИА архива

Остани поврзан