• недела, 24 ноември 2024

Микати: Времето е суштинско да се запре војната меѓу Хамас и Израел

Микати: Времето е суштинско да се запре војната меѓу Хамас и Израел

Бејрут, 1 ноември 2023 (МИА) - Привремениот либански премиер Наџиб Микати вели дека времето е од суштинско значење за запирање на војната меѓу Хамас и Израел која „излезе од контрола“ и влијае на Либан и поширокиот регион.

Неговите коментари доаѓаат неколку дена пред лидерот на Хезболах, Хасан Насралах да го одржи својот прв говор од почетокот на војната.

Либан доживува политичка парализа и економски превирања, поради што многумина се загрижени за последиците од целосната војна во земјата погодена од кризата.

Микати, кој е поддржан од Хезболах, ги осудува и израелските напади во јужен Либан и нападите во Појасот Газа.

-Неопходен е хуманитарен прекин на огнот за пет дена, каде што може да има активни меѓународни разговори за да се обезбеди размена на затвореници и да се постигне трајно примирје со цел да се постигне договор за условите за регионален мир. Доста е војна во Либан, бидејќи ние сме со изборот на мирот, порача Микати пред владиниот состанок.

Израел и Хезболах водеа едномесечна војна во 2006 година, во која илјадници ракети на Хезболах ги погодија северните градови и ги однесоа животите на 165 Израелци, вклучително и 44 цивили. Над 1.100 Либанци, и борци на Хезболах и цивили, беа убиени.

Израел проценува дека Хезболах, поддржан од Иран, има околу 150 илјади проектили насочени кон него. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан