• вторник, 12 ноември 2024
МИА Флеш

17 октомври 2024 

Скопје - Во Министерството за правда денеска беше отворена канцеларијата на Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство. Како што информираше министерот за правда, Игор Филков, на денешната прес-конференција по отворањето на канцеларијата, министерството изминатиот период работело на обезбедување и реализација на повеќе активности со цел завршување на процесот од административно-технички и правен карактер за функционирање на Комисијата како независен субјект со својата работа.

-Иако Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство стапи на сила на 25.11.2022 година, а започна да се применува од 25.05.2023 година, еве, денеска, цели 17 месеци по примената Министерството за правда обезбеди просторни услови за функционирање на Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство формирана на 13.02.2024 година, рече министерот.

Скопје - Развојот на културата, цивилизацијата и светот во претставува интеграциски процес на материјалното и духовното творештво, создадено од вековните преплетувања на народите. Она што е неопходно е да се сфати колку е кревко и скапоцено нематеријалното културно наследство. За да имате нематеријално културно наследство и за тоа да се пренесува, мора да имате луѓе кои ќе го создадат, луѓе кои што ќе го пренесат и луѓе кои што ќе го слушаат, беше посочено денеска на одбележувањето на Меѓународниот ден на нематеријалното културно наследство во Собранието, во организација на Комисијата за култура и туризам. 

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска во своето обраќање во Собранието потенцираше дека нематеријалното културно наследство како духовно богатство на еден народ е сведок за неговото опстојување, идентитет, вредностите и историјата на неговата култура воопшто.

Скопје - Прометот во индустријата, вкупно, во август година, во однос на истиот месец лани е намален за 0.9 отсто, соопшти Државниот завод за статистика.

Според главните индустриски групи, вкупниот промет во индустријата во август бележи опаѓање кај Интермедијарни производи, освен енергија за 5.6 %, Капитални производи за 18.3 % и Tрајни производи за широка потрошувачка за 5.6 %, додека пораст бележи кај Нетрајни производи за широка потрошувачка за 1.8 %.

Скопје - Не се брза со втората транша од унгарскиот заем. Мора да бидеме сигурни дека ќе ги имаме парите затоа што еврообврзницата доспева во јануари следната година, изјави денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

На денешната дебата во Владата посветена на економијата, финансиите и јавната администрација, министерката рече дека парите од втората транша ќе бидат наменети исклучиво за подмирување на еврообврзницата.

Скопје - Ние инсистираме на нашите позиции да има заеднички проект и да е изводлив за изградба на пругата на Коридорот 8 со Бугарија и да се разгледа цената, бидејќи по сегашната цена не можеме да го реализираме, изјави денеска министерот за транспорт Александар Николоски.

-Овој проект сигурно нема да се работи, дали ќе работиме нов, ќе видиме. Почна вчера дијалог во Брисел, а следната средба ќе биде за две недели на 31 октомври. Да видиме што ќе направиме. Ние инсистираме на нашите позиции да има заеднички проект и да е изводлив проектот, како и да се разгледа цената, бидејќи по оваа цена секако дека не можеме да го реализираме. Да видиме што ќе направиме. Јас се уште сум против овој проект, изјави Николоски денеска за Телма пред почетокот на  Конференцијата во организација на Меѓународната федерација на Асоцијации на контролори на летање и Македонското здружение на контролори на летање што денеска се одржува во Скопје. 

Скопје - Владата има идеја од Скопскиот аеродром да се организираат директни прекуморски интерконтинентални летови што ќе биде единствен случај не само за земјава, туку и за регионот. Веќе почнавме да работиме на тоа и сметам дека е огромна амбиција, но ќе имаме голем бенефит од неа, најави денеска министерот за транспорт Александар Николоски.

Тоа, како што рече на Конференцијата во организација на Меѓународната федерација на Асоцијации на контролори на летање и Македонското здружение на контролори на летање, што денеска се одржува во Скопје, ќе биде од огромна важност за земјава, бидејќи имаме огромна дијаспора која сака да лета директно од Скопје, но исто така и за привлекување на нови туристи и тоа не само во земјава, туку и во регионот.

Скопје - Министерот за здравство Арбен Таравари, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција, денеска појасни дека имало предлог-закон за правична застапеност од нивна страна. Сега следувало владиното мнозинство да се координира, а потоа продуктот ќе ѝ бил пласиран на јавноста.

- Предлог-закон од наша страна, имаше. Меѓутоа, ние во Влада сме коалиција од три коалиции: ЗНАМ, ВМРО со сите партии и ние како Влен. Сега треба да седнеме и да синхронизираме меѓу нас, да направиме заеднички продукт и тоа да го пуштиме и до јавноста и за јавна дебата и за Парламент. За тоа повторно ќе ангажираме експерти кои имаат „сенс“ за оваа работа, нагласи Таравари.

Скопје - Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, денеска истакна дека внатрешните контроли во рамки на службата се тековни активности, дека тоа е секојдневна работа на Царинската управа.

- Внатрешната контрола е тековна работа. Од како сме дојдени како ново раководство на Управата од 1 јули оваа година, само во текот на месец август се покренати 18 дисципински постапки, што значи дека Секторот за внатрешна контрола во Управата функционира, рече тој.

Тирана -  Албанските опозициски пратеници, се судрија со обезбедувањето на влезот од собраниската зграда, откако не им беше дозволен влез на 24-те исклучени пратеници поради насилството од 30-ти минатиот месец.

Неколку часа пред пленарната седница објектот беше опколен со метална ограда, а потоа распореден голем број припадници на националната града, за да се спречи влез на исклучените пратеници, но дел од пратениците се обиделе насилно да влезат. Пратеникот Петрит Дода физички се судри со еден од гардистите, додека Фламур Нока и Бледион Налбати се обидоа да ја пробијат оградата.

Брисел -  Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, изјави денеска дека лидерите на ЕУ за време на Самитот во Брисел ќе разговараат за тоа како да се забрза поддршката за Украина и нагласи дека ЕУ е на страната на Украина и дека нејзината иднина е во Унијата.

- ЕУ е на ваша страна колку што е потребно. Знаеме дека ви е потребна поголема поддршка, поголема воена и финансиска помош. Тоа е итно, рече Мишел обраќајќи се пред новинарите пред почетокот на самитот на Европскиот совет, заедно со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Брисел - Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, денеска го претстави Планот за победа на самитот на Европската унија во Брисел. 

Како што пренесува Укринформ, Зеленски детално ги претставил петте точки од украинскиот мировен план за победа, кои вчера ги претстави и пред Врховната Рада. 

Берлин - Градоначалникот на баварскиот град Бад Гризбах, Јирген Фундке, ја блокираше регистрацијата на украинските бегалци, тврдејќи дека градот нема повеќе места во градинките, училиштата и центрите за сместување.

Фундке предизвика конфликт со окружните власти откако го одби нивното барање да прими 35 украински бегалци.

Дака - Специјалниот суд во Бангладеш денеска издаде налози за апсење на поранешната премиерка Шеик Хасина Вазед и уште 45 лица, вклучувајќи и нејзини блиски соработници, под обвинение за злосторства против човештвото за време на бунтот предводен од студенти во јули и август, поради кој таа беше принудена да избега од земјата.

Обвинителот изјави дека Меѓународниот суд за злосторства со седиште во Дака, предводен од нобеловецот Мухамед Јунус, шеф на привремената влада, ги издал налозите за апсење како одговор на две петиции поднесени од обвинителството.

Њујорк - Повеќе од милијарда луѓе во светот живеат во акутна сиромаштија, а повеќе од половина од нив се деца, се истакнува во извештајот на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), објавен денеска, а по повода Меѓународниот ден за борба против сиромаштијата.

Извештајот, објавен во соработка со Оксфордската иницијатива за човечки развој и сиромаштија (OPHI), нагласува дека стапките на сиромаштија се три пати повисоки во земјите погодени од војна, при што во 2023 година во светот е регистриран најголем број на конфликти од Втората светска војна.

Вашингтон - Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин денеска го повика Израел да ги заштити мировниците на ОН во јужен Либан.

Во телефонскиот разговор со неговиот израелски колега Јоав Галант, Остин ја истакна важноста од преземање на сите неопходни мерки „за заштита на безбедноста на УНИФИЛ (Привремените сили на Обединетите нации во Либан) и на либанските вооружени сили“, се вели во објавата на Остин на платформата „X“.

Отава - Новинарката на канадската јавна радиотелевизиска мрежа Си-Би-Си, Афра Рана, поднесе оставка поради пристрасното известување на каналот за геноцидот во Газа.

Во авторски текст објавен на еден канадски интернет портал, Рана го изрази своето разочарување од пристрасното известување на каналот каде што работи и изјавила дека Си-Би-Си ја игнорира болката на Палестинците. Во текстот, таа го нарече необјективното известување на каналот „соучесништво“ во израелскиот геноцид во Појасот Газа.

Бејрут - Израелската армија денеска издаде наредба за евакуација на населението во регионот на долината Бека, во источен Либан, предупредувајќи на напад на двете области „во блиска иднина“.

Портпаролот на армијата на арапски јазик, Авичај Адраи, во две посебни пораки поткрпени со  фотографии на згради означени со црвено, издаде „итно предупредување до жителите на регионот Бека“.

Брисел - Работејќи заедно постигнавме огромен успех во борбата против суровиот терористички противник, кој во 2014 година контролираше голем дел од територијата на Сирија и Ирак, изјави денеска американскиот секретар за одбрана Лојд Остин во обраќањето на министерскиот состанок на членките кои придонесуваат за зајакнување на Глобалната коалиција за пораз на групата Исламска држава (Д-ИСИС), што се одржува во рамки на средбата на министрите за одбрана на членките на НАТО во Брисел. 

- Поминаа 10 години откако десетина земји се мобилизираа за да ја поразат ИД. На крајот на 2014 година коалицијата броеше над 60 земји, а денес ја сочинуваат 87 членки, истакна Остин, додавајќи дека третина од овие земји придонесуваат и со вооружени сили во борбата, операциите и кампањите против тероризмот. 

Остани поврзан