• среда, 27 ноември 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

  12 ноември 2024

 

Струмица - Пожарот меѓу селата Смолари и Мокрино, во подножјето на планината Беласица, се уште е активен и има внатрешно горење, информираа од Центарот за управување со кризи (ЦУК) за МИА.

Пожарот, кој избувна завчера, денеска го гаснат екипи на ЈП ПШС „Беласица“ од Струмица со три теренски возила и 15 вработени.

Според заменик директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов пожарот на Беласица во текот на ноќта се префрлил на источната страна од која беше обезбеден и се шири.

-Морам да потенцирам дека освен екипите на ЈП „Македонски Шуми" денеска на лице место нема никој друг и покрај тоа што преку 112 од страна на нашите екипи кои се на терен е побарана помош од ТППЕ Струмица, а повратно им било пренесено дека поради расипана пумпа на некое возило не биле во можност да пратат екипи на терен, објави Михаилов на својот фејсбук профил.

На објавата на Михаилов реагираа од ТППЕ Струмица.

-Денеска по социјалните мрежи излезе соопштение од заменик директорот на Национални шуми, Кире Михаилов дека тие се единствените сили на Беласица и дека од наша страна не им е испратено теренско возило. Возилото кое е побарано е дефект, пумпата е испратена во Скопје на сервис. Едно прашање, каде бевте цела сезона, каде сте и сега. Со која опрема, со кои средства го гасите овој пожар. Со гранки? Ние не се бориме за популизам, туку нашите дела стојат зад нас. Социјалните мрежи не се место за препукување и збирање гол популизам, отворени сме во секое време за соработка и отстранување на сите недостатоци, се наведува во реакцијата на струмичките пожарникари, кои додаваат дека досега интервенирале 700 пати, од кои 80 отсто од интервенциите се на пожари на отворено.

Инаку, според информацијата од Михаилов досега во пожарот на планината Беласица се изгорени над 50 хектари високостебклеста шума со бука и костен. 

Куманово - Во рамки на прославата на Денот на град Куманово, Општината  организираше специјален настан на кој беше одбележан и стартот на одбројувањето од 250 дена до почетокот Европскиот Младински Олимписки Фестивал (ЕМОФ) 2025, што ќе се одржи од 19 до 26 јули во Македонија, соопштија денеска од ЕМОФ. Оттаму информираат дека во присуство на бројни граѓани, свечено беше откриена и официјалната маскота на фестивалот, ,,Shiny", која јавноста ја избра преку онлајн гласање што заврши вчера.

На настанот присуствуваше градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, како и претставници на организацијата на ЕМОФ 2025. На средбата била истакната важноста на фестивалот за градот и регионот, потенцирајќи дека ова претставува уникатна можност за Куманово да биде дел од голем европски спортски настан кој ќе ги обедини младите спортисти од цела Европа и ќе ја промовира спортската култура и меѓународната соработка.

Маскотата Shiny, симбол на младинскиот спорт и олимписките вредности, ќе биде присутна на сите настани и активности поврзани со фестивалот, потсетувајќи ги сите на значењето на спортот, пријателството и единството. Оваа маскота ја избра јавноста и ќе биде инспирација за сите млади спортисти кои ќе учествуваат на ЕМОФ 2025.

Во рамки на програмата, официјалните претставници на ЕМОФ 2025 направија обиколка на главната спортска сала во Куманово, каде што ќе се одржат кошаркарските натпревари. 

Дополнително, делегацијата ја посети и планинската велосипедска патека во придружба на Емил Цветанов, натпреварувачки менаџер за планински велосипедизам на ЕМОФ 2025. Оваа патека, која нуди предизвици и извонредни природни пејзажи, ќе биде место за атрактивните велосипедски натпревари на фестивалот, привлекувајќи млади велосипедисти од различни земји и истакнувајќи го потенцијалот на Македонија за спортски туризам.

Настаните за одбележување на ЕМОФ 2025 ќе продолжат, подготвувајќи ја Македонија за овој голем меѓународен спортски фестивал, кој ќе привлече повеќе од 4,000 млади спортисти и ќе понуди уникатна платформа за културна размена и соработка.

Штип – Нови над 20 паркинг места ќе се уредат во централното градско подрачје во Штип. Градоначалникот Иван Јорданов на денешната прес-конференција истакна дека почнати се градежни активности за уредување на новите паркинзи кај стариот Здравен дом во Штип.

-Заради потребата од повеќе паркинг места овде се почнати активности за уредување на површината на платото пред зградата на стариот Здравен дом, со што ќе се обезбедат дополнително над 20 паркинг позиции, кои ЈП „Стипион“ ќе ги стави во Програмата за наплата на паркинг површини. Некаде околу 700.000 денари се инвестираат за да се уреди ова плато, вели Јорданов.

Тој најави дека се размислува на изградба на катни гаражи на неколку ниво на неколку локации, за што дополнително ќе информира. Инаку од почетокот на годината досега во Штип се изградија две катни гаражи кај Центарот за култура „Ацо Шопов“ и поранешната стоковна куќа НАМА, а се уреди и просторот за паркирање кај стариот Градски пазар. Во Штип има речиси 900 паркинг места во централното градско подрачје. 

Берово - Во рамки на Програмата за реконструкција на локални патишта и улици за 2024 година, се асфалтира улицата „Димитар Влахов“ во село Русиново. По тој повод градоначалникот на Берово Звонко Пекевски изврши увид во активностите и информираше дека асфалтирањето на оваа улица е во должина од 152 метри.

-Улицата е со широчина од 3, 2 метри, а асфалтирањето се реалзиира по  претходно поставен тампонски слој. Со реконструкцијата на оваа улица, жителите од беровско Русиново добиваат полесен пристап до своите имоти и до градот, изјави Пекевски. 

Тој истакна дека се намалува  прашината, а жителите кои живеат на оваа улица, конечно ќе добијат соодветна инфраструктура.

- Продолжуваме со подобрување на патната мрежа, како во градот така и во населените места и се грижиме за подобрување на квалитетот за живот, на сите граѓани, додаде Пекевски.

За реконструкција на оваа улица од Буџетот на општина Берово за 2024 година  ќе бидат исплатени 1.216.080,00 денари. 

Скопје - Општина Гази Баба продолжува со реализирација на проектот за инклузија на децата Роми во јавните установи – детски градинки.

За таа цел утрово градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски во клубот на пратеници потпиша договор со Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани за реализација на проектот Инклузија на деца ромиво јавните општински установи – детски градинки.

Битола - Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски денеска одржа работна средба со претставници на општинската Зимска служба, со цел координирање на активностите за навремено организирање на зимската служба на подрачјето на Општина Битола во претстојната сезона.

Од Општина Битола информираа дека на работниот состанок учествувале сите релевантни претставници на општинските јавни претпријатија, Македонија пат, Стрежево, СВР Битола, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување.

-Голема е важноста од непречено и ефикасно спроведување на предвидените активности преку целосно навремено организирање и функционирање на зимската служба. Сите претставници на Службата треба да превземат мерки и активности за превентивно делување и за да се овозможи непречена работа на зимската служба на подрачјето на Општина Битола, истакнал Коњановски.

Програмата за зимска служба на подрачјето на Општина Битола за престојната сезона е донесена од Советот на Општина Битола. 

Велес - Во тек e пријавувањето за 15-то издание  на најмасовниот регионален стрип настан „24 часовно цртање на стрип“. Пријавите за учество се во тек и се отвоерни до 21.11.2024 до 12:00 часот. Тоа може да се стори преку сајтот www.24satnocrtanjestripa.com/prijava/ . каде сите заинтересирани можат да се информираат за техничките работи околу поднесување на авторските стрипови.

Како што информира Томе Трајков програмски координатор од СЦМ-Велес, што се однесува до самата регионална стрип акција, со непосредно присуство на стрип цртачи ќе се црта на дадени локации во Загреб, Осиек, Сплит, Риека, Госпиќ, Вараждин, Љубљана, Херцег Нови, Бар, Сомбор. Мегутоа, се дава можност и за  онлајн поднесување на стрипови за заинтересирани од целиот регион и сите цртачи  во светот  вклучено и од нашата држава. Односно може да се црта и од дома и да се објави готовиот стрип онлајн преку дадената платформа.

Инаку, на светско ниво истата ја создава реномираниот стрип теоретичар Скот Мек Клоуд, а во регионот авторот Дарко Мацан од Академијата во Загреб. Оваа акција низ годините бргу се проширува. Уште една специфика е што оваа регионална иницијатива е сосема независна од светската акција, којашто се организира во октомври. Тој уште еднаш го изразува неговото задоволство дека соработниците и пријатели од Хрватска бргу ја прифатиле неговата ланска иницијатива за мобилизирање на македонските стрип автори во оваа стрип акција.

Темата  за годинава ќе биде објавена на 23 ноември во 12 часот на 24satnocrtanjestripa.com. За потсетување, ланската тема беше АИ (вештачка интелегенција), во 2022 – НОСТАЛГИЈА, а во 2021 - ДРУГ СВЕТ.

Штип – Климатските промени, односно промената во режимот на врнежи и температурните разлики, се причина години наназад да се намалува родот на пченката, пченицата, грозјето. Изместувањето на годишните времиња скапо ќе ги чини земјоделците, доколку своето производство не го адаптираат, сметаат експертите. Деканката на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“, Емилија Арсов вели дека нашите земјоделци веќе ги чувствуваат климатските промени.

-Земјоделците долго време го очекуваат дождот којшто вчера го имавме. За да имаат плодна есенска сеидба, треба да има и дожд и пониски температури. Меѓутоа климатските промени си го прават своето, така што малку ни се се изместени годишните времиња, ќе се адаптираме на условите коишто ни ги нуди средината се со цел да имаме доволно производство на храна. Во светски рамки, сите алармираат дека производството на храна оди во надолна линија, вели Арсов

Универзитетската професорка Фиданка Трајкова вели  за да се ублажат последиците од климатските промени, во наредниот период фокусот не треба да се стави на промената на културите, туку на начинот на одгледување.

-Но, најверојатно треба да се направи промена на начините на одгледување, како и промените на средствата за заштита. Еве раноградинарското производство, во голема мера се префрла од отворено, во затворен простор. Во секој случај мора да ги прифаќаме трендовите коишто ќе понудат соодветен принос со добар квалитет, изјави Трајкова. Токму и на оваа тема Климатските промени-реалност или мит, денеска дебатираа идните агрономи при штипскиот Универзитет. Инаку „Денови на млади истражувачи“ втора година по ред се реализираат на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“- Штип. Деканката на Земјоделскиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Арсов истакна дека од денеска и во наредните два дена фокусот е ставен на младите, со цел да го надоградат своето знаење, но и да ги подобрат своите комуникациски вештини. Целта е да научат да разликуваат релевантни од нерелевантни извори на информации.

-Фокусот секогаш е ставен на нашите студенти така што уште еднаш докажуваме како факултет дека интезивно работиме студентите да се стекнат не само со теоретско и практично знаење, туку работиме и на нивната комуникација за да може полесно да се изразуваат,  вели Арсов.

Во активностите се вклучени студентите од втора година, кои се поделени во две групи. Првата група работи на докажување на реалноста дека постојат климатски промени кои влијаат врз земјоделството, а втората група докажува дека тоа е мит. Со помош на вакви дискусии и активности се работи на задржување на мадите дома и да работат во земјоделството.

-За утре е планирана петтата Студентска конференција, критични прашања во земјоделството и животната средина. Можеме да кажеме дека оваа година ни е со максимален број на трудови, имаме 29 усни презентации од страна на студентите. Исто така и во третиот ден фокусот е ставен на младите. Темата на третиот ден е Младите во земјоделското производство, додава Арсов. 

Скопје - Поради дефект, од 13:15 часот без вода се улиците „Копенхагенска“, „Софиска“, „Бриселска“, „Његошева“, „Петар Драганов“, „Стокхломска“ и „Женевска“, информираат попладнево од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ - Скопје.

Корисниците ќе бидат без вода за пиење до завршување со санација на дефектот. 

Кочани – Со 250 килограми кумарински препарат за труење на глодарите, Локалната самоуправа на Кочани ја спроведува втората фаза од кампњата за дератизација на канализациската мрежа во градот и населените места во рамничарскиот дел на општината.

Стручни екипи од Центарот за јавно здравје, со поддршка на технички персонал од комуналното претпријатие „Водовод“ ги поставуваат кумаринските мамци во канализациските шахти во Кочани и во селата Мојанци, Горни и Долни Подлог, Грдовци, Тркање, Прибачево и Оризари. Дел од мамците ќе бидат распоредени и на градската депонија, каде исто така е регистрирана појава на глодари и други штетници кои се преносители на заразни болести.

- Акцијата за дератизација се спроведува токму во овој период од годината затоа што по завршувањето на жетвата на оризот вообичаено се регистрира зголемено присуството на глодари во населените места. Се работи за превентивна активност во рамки на програмата за заштита на населението од заразни болести, информираа од одделението за јавни дејности на Општина Кочани.

За двете фази од кампањата беа набавени 500 килограми кумарински препарат, при што се третираат околу 1.300 шахти во населените места. За набавка на препаратот од општинскиот буџет се издвоени околу 170 илјади денари.

Од Општина Кочани информираа дека кумаринските мамци се специфично обоени парафинирани блокови и се лесно воочливи, заради што упатија апел до граѓаните доколку ги забележат да не ги допираат.

Скопје - Органскиот отпад при производството на грозје и вино може да се искористи, најавена е конференција на оваа тема, во понеделник, во рамките на одбележувањето на  европската недела за намалување на отпадот.

- Неопходен е посилен рамковен систем за поддршка на иницијативите за управување со био-отпад во согласност со меѓународните и ЕУ стандарди, се истакнува во документот што е развиен во рамки на проектот „Развој на управување со органски отпад во производство на грозје и вино во регионот Тиквеш, информираа денеска организаторите на настанот. 

Притоа појаснија дека нивната анализа открива клучни сознанија за управување со био-отпад од винската индустрија во Тиквешкиот регион.  Сеопфатната анализа на јазови на правната и политичката рамка што ги одредува потребите за развој на модел на циркуларна економија во Тиквешкиот регион, идентификувала критични области за подобрување во управувањето со био-отпад од производство на грозје и вино во Тиквешкиот регион.  

Наоди од оваа анализа ќе бидат и дополнително дискутирани на конференцијата  „Одржливост во производството на грозје и вино во Тиквешкиот регион“. 

- Иако производството на вино придонесува со 17-20% од бруто земјоделскиот производ во Северна Македонија, тоа генерира големо количество био-отпад што има негативно влијание врз животната средина. За време на одгледувањето и бербата на грозјето се создаваат околу 5 тони цврст отпад по хектар годишно. Целиот генериран био-отпад од лозјата моментално нееколошки се третира, со што секоја година во Северна Македонија се согорува над 100.000 тони био-отпад, предизвикувајќи деградација на земјиштето и загадување на воздухот. Отпадот се третира на сличен начин и од страна на винопроизводителите и индивидуалните производители на грозје. Оваа пракса претставува проблем кој бара дополнителни напори, време и инвестиции од страна на властите и бизнисите, беше појаснето во соопштението до јавноста. 

Притоа се додава дека направената детална анализа се темели на комбинација од секундарни и примарни податоци, вклучувајќи преглед на политики, статистика, теренски посети и детални интервјуа. 

- Со оваа анализа се детектираа јазовите на национално и локално ниво, со цел да се обезбедат препораки за подобрување на управувањето со био-отпад од производство на грозје и вино на следните нивоа, институционално, финансиско, структурно, технолошко, култура и менталитет. Врз основа на наодите, во консултација со членовите од работната група, за секој јаз се креираше препорака за негово надминување, се истакнува во соопштението. 

Препораките се однесуваат на подобрување на политичката рамка, зголемување на институционалните капацитети, унапредување на инфраструктурата, промовирање на инструментите за циркуларна економија и развој на ресурсите за циркуларноста во Тиквешкиот регион. Истите ќе бидат користени како насоки за унапредување на моменталната состојба на локално и национално ниво, во поглед на воведување на принципите на циркуларната економија.    

- Проектот „Развој на систем за управување со органски отпад во производство на грозје и вино во тиквешкиот регион“ се спроведува како дел од програмата за соработка со бизнис секторот develoPPP.de, а се реализира со финансиска поддршка на Сојузното министерство за економска соработка и развој на Германија (BMZ) во партнерство со компаниjата Винарија Бовин, имплементиран преку Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) и Центар за истражување и креирање политики (ЦИКП), соопштија  организаторите на настанот. 

Остани поврзан