• среда, 27 ноември 2024
МИА Радио флеш

 26 ноември 2024 

Скопје - Десет месеци по донесувањето во Собранието, (26 јануари 2024), Законот за употребата на македонскиот јазик не се применува. Меѓу одредбите што тој ги содржи е формирање Инспекторат за надзор над примената на законот, но тој не профункционирал.

Проф. д-р Искра Пановска-Димкова, раководителка на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет на Скопскиот универзитет, денеска изјави дека доколку почне да се применува законот, кој треба да го замени стариот од 1998 година, ќе биде многу олеснето и вработувањето на кадарот што завршил македонски јазик, со оглед дека законот пропишува задолжително лекторирање на сите материјали, вработување лектори во сите државни институции, издавачки куќи, медиуми...

- Законот што се донесе сѐ уште не е влезен во сила. Таму беше предвидено формирање Инспекторат, што не е случено. Во меѓувреме имавме избори, претпоставуваме дека им треба на луѓето време за да се снајдат на новите позиции, но очекуваме во најскоро време тоа да се случи, изјави раководителката на Катедрата за македонски јазик на УКИМ која денеска организираше Свечен час за одбележување 80 години од  прогласувањето на македонскиот јазик за службен. 

Скопје - Владата ќе излезе во пресрет на потребите на ЈСП-Скопје доколку не успее тендерот за набавка на нафта, вели министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.

-Целта на оваа Влада е децентрализација и тоа се покажува и со средствата што се издвоени - оваа година 100 милиони евра за општините, наредната 250 милиони евра, повторно за општините за зајакнување на децентрализацијата. Но, кога не можат општините тука е Владата, бидејќи најбитни ни се граѓаните. Значи и кога не е наша обврска Владата ќе излезе во пресрет...Ние би сакале општините да се јаки и добро изменаџирани, но кога не можат побитни ни се граѓаните, а посебно Скопје кој што е главен град, рече Меџити прашан за коментар со оглед на последните информации дека досега никој не се пријавил на тенедерот за нафта на ЈСП, и дали доколку пропадне тенедерот Владата и понатаму има можност да му помага на ЈСП. 

Во однос на набавката на 120 електрични автобуси, тој потврди дека се разговара за тоа и дека никој не спори оти е потребна мерка, а дали можело порано ова да се реализирам, вели подобро подоцна отколку никогаш. 

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска прими делегација од јапонската Влада, предводена од комесарот за културни врски на Јапонија, Шуничи Токура, чија работна посета се реализира во годината кога се одбележува 30 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји.

На средбата, на која присуствувал и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, соговорниците размениле мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете земји, како и за улогата на културната политика и дипломатија и важноста од унапредувањето на соработката во областа на културата. 

Претседателката Сиљановска Давкова, како што соопшти нејзиниот Кабинет,  ја поздравила посетата на Шуничи, како прва посета на висок претставник од јапонската влада во областа на културата и го поздрави потпишувањето на Меморандумот за соработка во областа на културата меѓу двете држави, изразувајќи уверување дека истиот ќе претставува силен поттик во развојот на културните врски меѓу двете земји. 

Скопје - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска оствари средба со Делегација на Комисијата за надворешни работи, Дом на пратеници од Парламентот на Чешката Република, предводена од пратеникот Радек Вондрачек, заменик претседател на Комисијата.

-Процесот на евроинтеграција на Северна Македонија беше во фокусот на разговорите на претседателот Гаши со чешките парламентарци, при што беше нагласена значајната поддршка на Чешка, како и на целата Вишеградска група, прво за членството на нашата земја во НАТО, како и постојаната логистика за полноправно членство во Европската Унија, соопшти собраниската прес-служба.

Претседателот Гаши изразил благодарност што Чешката Република, како членка на Европската Унија, принципиелно ги промовира политиките, во контекст на земјите од Западен Балкан. Тој, исто така, изразил очекување за понатамошно интензивирање на таа поддршка. Посебно во однос на Северна Македонија, со оглед на актуелните предизвиците со кои се соочува нашата земја на евроинтегративниот пат, и покрај големиот капацитет за компромиси што го покажавме во изминатиот период.

Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски работната посета на министерството за внатрешни работи на Обединетите Арапски Емирати ја искористи за средба со претседателот на ИНТЕРПОЛ Ахмед Насер Ал-Раиси, информираат од МВР.

На средбата се разговарало за поефикасно користење на базите на податоци на ИНТЕРПОЛ со цел поефикасна борба со транснационалниот криминал во сите негови облици, поддршка на прекуграничните заеднички истраги и континуираност на обуките.

Скопје - Директорите на Државниот архив на Република Северна Македонија и на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија, Наташа Котлар и Никола Мемов потпишаа Меморандум за соработка со цел проширување на меѓусебната соработка во областа на заштитата и размената на податоци за осигуреници коишто ќе остварат право на пензиско и инвалидско осигурување, информираат од Фондот.

Директорката на Архивот, Котлар рекла дека воспоставувањето на соработката ќе помогне да се намали обемот на документарниот материјал што се чува во институцијата и да обезбеди простор за нов.

Скопје - Дека во светот на медицината повеќе не постојат граници и дека медицината во Македонија може да се мери со светски достигнувања, говори и раѓањето на бебето Петар, кого на свет го донесе највозрасната проворотка во државата, 61-годишна пациентка. Ова денеска го подвлече директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, проф. д-р Ирена Алексиовска Папестиев, во изјава за медиумите. 

Алексиовска Папестиев рече дека тоа е прва пациентка во државава која останала бремена со сопствена јајце клетка, бременоста била следена во земјава и породила во државава. Пациентката била породена во 36 г.н. со царски рез со уреден оперативен тек.

- Родено е живо машко бебе со родилна тежина од 2350 гр. и 48 см. И мајката и бебето се во одлична општа состојба. Мајката херој како што ја нарековме, е пациентка со исклучително тешко гинеколошко и акушерско минато со 10 ин витро интервенции и 10 спонтани абортуси. Во изминатите години пациентката имала и други 3 гинеколошки операции, изјави Алексиовска Папестиев. 

Скопје – Со оглед на фактот што станува збор за средба меѓу претседател на држава и претседател на опозицијата, јас не би можела да изнесувам ставови во аспект на Влада, се надевам дека ќе имаат конструктивен разговор за насоките во кои што ќе се делува во иднина, изјави портпаролот на Владата, Марија Митева, прашана за став околу денешната средба на Претседателката Гордана Сиљановска Давкова со лидерот на СДСМ Венко Филипче. 

Претседателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова денеска ќе одржи работна средба со лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче.

Како што соопштија од СДСМ, средбата ќе биде во Кабинетот на претседателката во Вила Водно со почеток во 15 часот. По средбата, најавена е изјава за медиуми на лидерот на СДСМ

Скопје - Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Педагошката служба ги повикуваат сите наставници и целата стручна јавност да ги достават забележаните грешки во учебниците за основното образование од прво до трето одделение.

Целта на повикот, кој МОН го објави на својата веб-страница, е подобрување на квалитетот на учебниците и исправка на технички и евентуални стручни грешки. Во објавениот повик е достапен образец кој треба да се пополни. 

-Забелешките се доставуваат со пополнување на образецот во кој треба да се наведе учебникот, наставниот предмет, авторот/авторите, одделението, наставниот јазик и увидената грешка, со страницата на којашто се наоѓа, се наведува во повикот.

Скопје - Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска на Глобалната Сајбер Конференција, која се одржува во Цирих, Швајцарија, говореше на отворањето на Конференцијата пред претставници на повеќе од 40 држави, експерти од индустријата и претставници на невладиниот сектор.

Андоновски, како што соопшти Министерството, во своето обраќање ја нагласил неопходноста од создавање на безбедно, сигурно и отпорно дигитално опкружување, што е во сржта на дигиталната трансформација, а воедно ги претстави и приоритетите на Македонија во оваа област.

-Сајбер-безбедноста не е натпревар, туку колективна одбрана. Меѓусебната поврзаност во сајбер-просторот бара соработка базирана на доверба, истакнал министерот.

Скопје - Во 13 контролни акции на наплатните станици Гостивар, Тетово, Желино, Петровец, Миладиновци и Отовица изречени се мандатни казни од по 200 евра на сите кои се обиделе да избегнат плаќање на патна такса. 

-Јавното претрпијатие за државни патишта презема активни мерки за намалување на бројот на возила кои избегнуваат плаќање на патарина, и во таа насока во соработка со Министерството за внатрешни работи и Инспекторатот за транспорт и сообраќај изминатиов период беа организирани 13 контролни акции. Инспекторите за транспорт со асистенција од МВР спроведоа контроли на наплатните станици Гостивар, Тетово, Желино, Петровец, Миладиновци и Отовица при што беа изречени мандатни казни од по 200 евра на сите кои се обиделе да избегнат плаќање на патна такса. Напоменуваме дека и во периодот што следи ќе продолжиме со зајакнати контроли на секоја рампа на Коридорите 8 и 10, велат од ЈПДП. 

Скопје - Дебарско-кичевскиот Митрополит Тимотеј ќе биде погребан во четврток на 28 ноевмри на Плаошкиот манастир во Охрид, одлучи Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква. Заупокоената Света Литургија и Опелото ќе бидат извршени во четврток во храмот „Св. Софија“ во Охрид, со почеток во 9 часот.

-Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА), во постојан состав, на 26 ноември 2024 година одржа вонредна седница и го определи датумот за погребение на блаженоупокоениот Дебарско-кичевски Митрополит Тимотеј. Синодот определи заупокоената Света Литургија и Опелото да бидат извршени во четврток на 28 ноември 2024 година, во храмот „Св. Софија“ во Охрид, со почеток во 9 часот, информираат од САС на МПЦ.

Скопје - Заменик министерката за европски прашања, Викторија Трајков, оствари работна средба со Афродита Шаља, шефица на Канцеларијата на УНФПА (Фондот за население на Обединетите нации) во Северна Македонија и Ирена Спирковска, задолжена за мобилизирање на ресурси и комуникација.

Како што информираат од Министерството, на средбата се разговарало за клучните приоритети на УНФПА во нашата земја и можностите за зајакнување на соработката помеѓу институциите во државата и оваа важна организација.

Посебен акцент бил ставен на теми како што се родовата еднаквост, младинските политики и пристапот до здравствени и социјални услуги за ранливите категории.

Дебар - Македонското здружението за култура и солидарност на македонските иселеници МАК-ГОЧ од Маниса, Турција, за нова претседателка ја избра Јелиз Дениз, позната активистка на асоцијацијата, чии родители се по потекло од долнореканското село Жировница.

-Честитки на Јелиз Дениз за изборот и посакувам успешна работа во следниот период заедно со нејзиниот тим. Верувам дека нашите иселеници во Маниса ќе бидат пообединети во иднина следејќи го примерот на претходниот претседател, Џевдет Џомерт, кој почина неодамна. Ова здружение е наш амбасадор во Туркије и мост кој се грижи и ги одржува корените, обичаите и традицијата на реканскиот крај. Општина Маврово и Ростуше секогаш ќе биде поддржувач на нивните активности и отворена за секаква соработка, објави градоначалникот Медат Куртовски.

Атина – Добрата вест е дека во НАТО ја имаме Алијансата која ни е потребна за да го одбраниме секој милиметар од нашата територија, а во Грција, благодарение на вашето лидерство, имаме цврст сојузник, истакна генералниот секретар на НАТО Марк Руте по средбата со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој од своја страна ја нагласи важноста да се почитуваат и меѓународното право и меѓународните договори, особено, како што рече, на Западен Балкан, јави дописничката на МИА од Атина.

Регионалните безбедносни предизвици и како Алијансата може да продолжи да ја поддржува Украина, биле главните теми за кои разговарале Руте и Мицотакис, како што истакна генералниот секретар на НАТО во изјавите по средбата, а и двајцата ја истакнаа важноста да продолжи поддршката за Украина.

Софија - Партијата „БСП-Обединета левица“ е отворена за дискусии околу сите можни опции за избор на претседател на бугарското Народно собрание, изјави Борислав Гуцанов по средбата со партиите „Преродба“ и „Морал, единство, чест“ (МЕЧ).

- Подготвени сме да се разгледаат сите опции, вклучително и повлекување на кандидатурите и предлагање нов кандидат кој би ги обединил сите, рече Гуцанов. Тој изрази надеж дека и „Продолжуваме со промените - Демократска Бугарија“ ќе се приклучат на разговорите, како и Алијансата за права и слободи.

Гуцанов нагласи дека целта е да се избере најдобриот можен претседател и да се обезбеди единство околу клучните прашања и закони за општеството. Според него, дијалогот е клучен за постигнување компромиси. Средбата дојде откако пет обиди за избор на претседател не беа успешни.

Прага - Претседателот на Чешка, Петр Павел предупреди денеска на годишните консултации со чешкиот Генералштаб во Прага дека конфликтите во Украина, Сахел и Блискиот Исток се закануваат да се разгорат, па да ги преминат границите на регионалните конфликти.

„Сите овие конфликти се закануваат дополнително да се разгорат и да ги преминат границите на регионот“, рече Павел во видео обраќање и потсети дека ситуацијата околу Тајван е исто така загрижувачка во моментот кога се случуваат промени во администрацијата на САД, Европската унија или Германија.

„Промените што се случуваат по изборите во САД несомнено ќе доведат до промена на пристапот не само кон Русија, кон конфликтот во Украина, туку и кон НАТО и Европската унија. Се поважно е да имаме сопствени капацитети за одбрана“, рече чешкиот претседател.

Брисел - Советот на ЕУ донесе одлука на листата на физички и правни лица кон кои се воведени рестриктивни мерки поради случувањата во Сирија, да додаде тројца членови на сириската Влада поради поврзаност со континуираната репресија и кршењето на човековите права, соопшти денеска Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС). 

Станува збор за неодамна именуваните министри за внатрешна трговија и заштита на потрошувачите, Луаји Емад Ел-Дин ал-Мунајџид и за нафта и минерални ресурси, Фирас Хасан Гадур и за државниот министер Ахмед Мохамад Бустаџи. 

Како што се наведува во одлуката на Советот на ЕУ, како членови на Владата на Сирија, тројцата ново санкционирани ја споделуваат одговорноста за „континуираната насилна репресија на сирискиот режим врз цивилното население“. 

Берлин - Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека германските граѓани не поддржуваат трансфер на ракети со долг дострел „Таурус“ во Украина, кои можат да се користат за напади на руска територија.

„Сега има војна во Европа и тоа ги загрижува граѓаните. Во оваа војна треба добро да размислиме како да се однесуваме мудро, како да се однесуваме внимателно, ... да се однесуваме внимателно кога станува збор за војна и мир“, рече тој во интервју за германскиот ТВ канал ЗДФ.

Канцеларот рече дека го „нервира“ тоа што речиси три години има изјави дека нешто не е доволно направено, дека уште нешто треба да се направи, додека, како што наведе, често не се забележува дека актуелната германска влада „одамна стана главен снабдувач на помош за Украина“.

Букурешт - Национално-либералната партија (НЛП) од Романија соопшти дека ќе ја поддржи десноцентристичката кандидатка Елена Ласкони на вториот круг од претседателските избори.

Ласкони, лидерка на опозициската партија „Сојуз за спас на Романија“, освои второ место со 19,18 отсто од гласовите, додека крајно десничарскиот Калин Георгеску обезбеди 22,94 отсто од гласовите.

Лидерите на владејачката коалиција, Социјалдемократската партија и НЛП, доживеаја историски пораз, не успевајќи да стигнат до вториот круг. Лидерите на двете партии поднесоа оставки. Новиот лидер на НЛП, Илие Боложан, изјави дека поддршката за Ласкони е проевропски избор.

Крајно десничарските партии, како „SOS Романија“, го поддржаа Георгеску, што според аналитичарите, може да им донесе значителен успех на претстојните парламентарни избори.

Анкара - Турција преговара со САД за изземање од санкциите против Русија за да продолжи да купува руски гас, изјави министерот за енергетика Алпарслан Бајрактар.

Говорејќи по состанокот на владата, Бајрактар ​​посочи дека одлуката на САД да воведат санкции за Гаспромбанк, делумно во сопственост на гасната компанија Газпром, може да создаде проблеми за Турција.

- Можеме да ги почувствуваме последиците. Нема да можеме да платиме, а ако не можеме да платиме, нема да можеме да купиме гас. Нашето Министерство за надворешни работи продолжува со преговорите за ова прашање, рече тој.

Министерот нагласи дека на неговата земја ѝ е потребен гас за да ја обезбеди побарувачката и потсети дека исклучок за гасот е применет со санкциите против Иран.

Стокхолм - Шведска побара од кинески брод да влезе во нејзините територијални води за да помогне во истрагата на случајот со неодамна отсечените подводни оптички кабли во Балтичкото Море.

Два подморски кабли, едниот ја поврзува Финска со Германија, а другиот Литванија со Шведска, беа оштетени за помалку од 24 часа на 17 и 18 ноември, што предизвика сомневања за саботажа.

Минатата недела, данските вооружени сили соопштија дека се во близина на кинескиот товарен брод „Ји Пенг 3“, кој се наоѓа во меѓународни води, но во ексклузивната економска зона на Данска.

Каблите беа исечени во ексклузивната економска зона на Шведска, поради што шведското обвинителство започна прелиминарна истрага.

Москва - Руските сили го извршија најголемиот напад со беспилотни летала врз Украина во текот на ноќта, при што беше исклучена електричната енергија во голем дел од западниот регион Тернопил, а беа  оштетени и станбени згради во областа околу главниот град, соопштија денеска украинските власти.

Засилените напади со дронови во текот на ноќта врз украинските градови се одвиваат паралелно со поголемо руско продирање долж линијата на фронтот на истокот на Украина, каде што руските сили постигнаа некои од нивните најголеми придобивки за еден месец од 2022 година.

Од 188 беспилотни летала користени во текот на ноќта, Украина собори 76, а изгуби контакт со 96, најверојатно поради активни мерки за електронско војување, соопшти воздухопловството. Пет беспилотни летала се движеле во правец на Белорусија.

Бејрут - Либанскиот министер за надворешни работи Абдалах Бу Хабиб изјави дека се надева оти до вечер ќе биде постигнат прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах.

Тој додаде дека либанската армија има најмалку 5.000 војници подготвени да заминат во јужниот дел на Либан кога израелските сили ќе се повлечат и дека САД би можеле да играат улога во реконструкцијата на инфраструктурата што беше уништена во израелските напади.

Вашингтон - Кривичниот прогон против Доналд Трамп, кој беше обвинет за обид за поништување на резултатот од изборите во 2020 година, денеска беше прекинат откако обвинителството побара отфрлање на овој и друг случај против избраниот претседател, повикувајќи се на политиката на Министерството за правда која забранува кривично гонење на актуелен претседател.

Одлуката на окружната судијка Тања Чуткан стави крај на обидите на Министерството за правда да го обвини Трамп по неговите напори да остане на власт по поразот на изборите во 2020 година, што резултираше со упад во американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година од толпа негови поддржувачи.

Случајот го објави специјалниот обвинител Џек Смит, кој одлучи да ги прекине процесите поврзани со обидите за обвинение против Трамп за поништување на резултатите од изборите и за незаконско чување доверливи материјали по завршувањето на неговиот прв претседателски мандат во 2021 година.

Пном Пен - Русија спроведува „геноцидни активности“ користејќи противпешадиски мини во Украина. Москва ги користеше овие мини против „градови, земјоделски стоки, станици за јавен превоз“, изјави денеска Олександр Рјабцев, претставник на украинското Министерство за одбрана на меѓународна конференција во Камбоџа.

Тие закани, додаде тој, се насочени кон региони каде живеат околу шест милиони Украинци.

Претходно денеска Киев објави дека се откажува од својата заложба да ги уништи преостанатите резерви противпешадиски нагазни мини наследени од советската ера.

Остани поврзан